Седуммина се тестираат за корона вирус, тројца имаат симптоми


Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство Венко Филипче, информира дека нема новозаболени од корона вирус.

– Се тестираат седум лица, три од Дебар. Тие имаат симптоми на грип. Двајца се во Штип и двајца кои се на Инфективната клиника, кои патувале во Австрија и Германија.

Исто така се почнува со психолошка поддршка на неколку категории граѓани, како родители на мали деца и деца на школска возраст, како и на стари лица во изолација.

Филипче апелира да се остане дома, да не се претрупуваат маркетите со луѓе и да не се оди по гости.

Во Дебар, како што истакна, состојбата е мирна и граѓаните се придружуваат до мерките. – Луѓето покажуваат исклучително висок степен на дисциплина, рече Филипче.

Во овој регион се проширува бројката на луѓе кои се тестираат со цел детално да се скенира состојбата.

– Се проширува бројката на луѓе кои се тестираат. Очекуваме во тек на денов или во тек на утрешниот ден да стигнат меѓу 40, 50 дури и 80 луѓе со цел детално да се скенира овој регион, рече Филипче, додавајќи дека координацијата на здравствените работници во Дебар е добра.

Новина е тоа што Клиниката за психијатрија почнува со психолошка поддршка и оти ќе се ослободи од работа еден од родителите на деца со цистична фиброза. Подготвен е и списокот на лекари, анестезилози и медицински сестри кои би ротирале доколку има потреба.

– Искрено се надевам дека нема да дојде до тоа сценарио да имаме многу пациенти на машина за дишење. На располагање се блузи 440 медицински сестри, 200 анестезиолози од целата држава, подвлече Филипче.

Во 19 часот  е закажано нова седница на Владата по што министерот ќе информира за најновите одлуки што ќе бидат донесени.

Утрово се состана Главниот координативен кризен штаб, со кој претседаваше претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, на кој присуствуваа заменичката претседателка во Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заменичката претседателка во владата задолжена за економските ресори Мила Царовска, заменик претседателот во Владата и министер за политички систем и односи со заедниците Садула Дураки, заменик претседателот на Владата, задолжен за европски прашања Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев и дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, министерот за здравство д-р Венко Филипче, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за образование и наука Арбер Адеми, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерката за правда Рената Дескоска, директорот на Центарот за управување со кризи Агрон Буџаку и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џафероски.

На состанокот на Главниот координативен кризен штаб беа презентирани најновите информации од Комисијата за заразни болести, како и информациите од Центарот за управување со кризи и од Дирекцијата за заштита и спасување кои доаѓаат од целата територија на државата, и посебно од подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа, со цел целосната координација на предлозите и мерките што ќе одат како препораки до Владата на Република Северна Македонија, која на вечерашната седница ќе одлучува по нив.