Седумгодишна ќерка на пожарникар загина во рушењето на зградата на Флорида


Седумгодишната ќерка на пожарникар од Мајами е една од двете нови жртви пронајдени меѓу урнатините на зградата која минатата недела се урна во Флорида.

Бројот на мртви се зголеми на 20, а 128 лице се уште се водат како исчезнати.

„Оваа трагедија влијаеше на многумина од нас, затоа што познаваме некого кој живеел во оваа зграда или е погоден од оваа трагедија“, рече градоначалникот на Мајами Францис Суарез, на конференцијата за новинарите.

Таткото на настраданото девојче во тој момент не бил на терен.

Ураганот се ближи до брегот

Градоначалничката на Мајами-Даде, Даниела Лавина Кава го нарече овој случај особено тежок за оние кои го пронајдоа девојчето.

„Ве молиме да мислите на нашите итни служби и да се молите за нив. Тие навистина го претставуваат најдоброто во сите нас и треба да бидеме со нив како што тие се со нас“, додаде Левин Кава.

Во меѓувреме, спасувачките тимови го следат приближувањето на ураганот Елса, кој може да ја отежне акцијата за спасување, а стручњаците предупредија дека ураганот може да стигне веќе утре.