Седумдесет години Совет на Европа


Франција – Cоветот на Европа денеска одбележува 70 години од своето постоење, со што е најстарата европска меѓународна политичка организација, чија цел е создавање на единствена Европа врз принципите на слобода, демократија, заштита на човековите права и владеење на правото.

Во заедничката изјава на генералниот секретар на СЕ, Торбјорн Јагланд, претседателката на Парламентарното собрание Лилиан Мори Паские и претседателот на Комитетот на министри Тимо Соини по повод 70 години од формирањето на организацијата се наведуваат досегашните успеси, но се потенцира и подготвеноста за справување со предизвиците на современиот свет.

– Советот на Европа е водечка организација за човекови права на нашиот континент. Четирисет и седум земји членки се здружија за да ги договорат заедничките стандарди за човековите права, демократијата и владеењето на правото. Сите 830 милиони луѓе кои живеат во заеднички правен простор имаат право на жалба до Европскиот суд за човекови права. Ова е без преседан во европската историја, и достигнување што треба да го славиме, се истакнува во заедничката изјава по повод 70-годишнината од СЕ.

Во изјавата посебно се потенцираат Европската конвенција за човекови права и Европската социјална повелба како посебно важни документи, кои се клучни за заштита на националните малцинства и регионалните и малцинските јазици, како и за борбата против сексуалната експлоатација и злоупотреба на деца и насилство врз жените и семејното насилство.

– Преземени се мерки за да се спречи тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување, за справување со трговијата со луѓе и човечки органи и да се запре злоупотребата на личните податоци и актите на компјутерскиот криминал. Ние исто така сме активни за безбедноста и интегритетот на спортот, достапноста на европската култура и образованието кое промовира еднаквост, вклучување и демократско граѓанство, се наведува во заедничката изјава.

Како предизвици на модерниот свет СЕ ги наведува вештачката интелигенција, модерното ропство, растечка нееднаквост помеѓу општествата, екстремниот национализам и популизам.

Во заедничката изјава се истакнува дека подобра иднина може да се обезбеди само преку соработка на СЕ со Европска Унија, Организација за безбедност и соработка во Европа, Обединети Нации и други организации.

Покрај 47 земји членки, пет држави во СЕ имаат статус на набљудувачи – САД, Канада, Јапонија, Мексико и Ватикан.

Република Северна Македонија на 9 ноември 1995 година стана 38 земја членка на СЕ и активно соработува со сите тела (Комитетот за превенција на тортура, Венецијанската комисија, ЕКРИ, Комесарот за човекови права, и други). Од мај до ноември 2010 година земјата првпат претседаваше со Комитетот на министри на СЕ.

Меѓу поважните документи на СЕ се Истанбулската конвенција против насилство врз жените и семејното насилство, потпишана од 46 држави, а до 2018 година ратификувана од 34 земји.

Сите 47 земји на СЕ ја потпишаа конвенцијата Ланзароте за заштита на децата од сексуална експлоатација и злоупотреба, а 44 држави ја имаат ратификувано конвенцијата.

Вкупно 54 земји ширум светот се опфатени со Конвенцијата за заштита на податоци на СЕ и 63 држави вклучително и САД, Австралија и Јапонија, се опфатени со Конвенцијата против компјутерскиот криминал.