Седум заболени медицински работници на Гинеколошко – акушерското одделение во прилепската болница


Гинеколошко-акушерското одделение во прилепската болница или ќе биде затворено или ако постојат минимални услови работата ќе се реорганизира, откако по тестираните 33 вработени, за седум здравствени работници се утврди дека се позитивни на корона вирусот, а петмина се ставени во самоизолација, јави Канал 5.

Оваа мерка е применета и кај членовите на нивните семејства.

Прилепските епитемиолози сега интензивно работат врз проценка на ризик која треба да биде доставена до крајот на денов, а ресорното министерство со надлежните институции да решат дали одделението ќе се затвори или работата ќе биде реорганизирана.

Дотолку повеќе што болничарка заразена од Ковид-19 ги премолчила симптомите и подолго време доаѓала на работа, а  од неа се заразиле и другите членови од семејството.

Од вработен во Центарот за јавно здравство и во Здравствениот дом во Прилеп заразени се двајца, а 13 се во домашен карантин.

Од 20 болнички кревети во Инфективното одделение 10 се полни. Меѓу заболените четворица се медицински персонал и од ова одделение, а од почетокот на пандемијата петмина.

Поради контактите што ги имале веќе потврдените и изолираните од гинеколошко- акушерското одделение страв постои и кај персоналот од другите одделенија. Но, и кај нивните семејства кои се ставени во домашен карантин. За оваа состојба во прилепската болница никој не сака јавно да говори.

Сите ја очекуваат проценката од ризик и ставот на надлежното министерство.

Од почетокот на пандемијата во Прилеп досега се регистрирани 257 заболени и 17 починати од Ковид-19.