Седум студентски домови до 2024 година ќе станат енергетски ефикасни
Менување прозорци и врати, замена на кровните конструкции, инсталација на фасадни системи, инсталација на канализациони и дренажни системи во и околу објектите, замена на електрична инсталација, поставување на нови системи за греење – онаму каде постојат можности ќе се постават и системи кои ќе работат со обновлива енергија, во седум студентски домови низ републикава најавува Министерството за образование.
– Во 2019 година Владата на Република Северна Македонија потпиша договор со KfW Development Bank за реконструкција на седум студентски домови: „Народен херој Орде Чопела“ – Прилеп, „Кочо Рацин“ – Битола, „Никола Карев“ – Охрид, „Браќа Миладиновци“ – Штип, „Томе Стефановски Сениќ“, „Пелагонија“, „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје. Со договорот се обезбедуваат 25 милиони евра, од кои 20 милиони преку Германското министерство за економска соработка и развој и 5 милиони евра грант преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан (REEP+) на Европската Унија – велат од МОН за Независен весник.
Со оглед на тоа дека често објектите на домовите се мета на критика за емисијата на CO2 во зимскиот период, целта на инвестициската активност е унапредување на условите за сместување и престој во државните студентски домови и постигнување на енергетска ефикасност, со што значително ќе се подигне студентскиот стандард кој е цел на владините политики во изминатите неколку години.
– Станува збор за темелна реконструкција која подразбира енергетски ефикасни мерки, структурални мерки и мерки за подобрување на комфорот во домовите. Тоа опфаќа замена на внатрешни и надворешни прозори и врати, замена на кровните конструкции, инсталација на фасадни системи, инсталација на канализациони и дренажни системи во и околу објектите, замена на електрична инсталација, поставување на нови системи за греење – онаму каде постојат можности ќе се постават и системи кои ќе работат со обновлива енергија, понатаму обнова на санитарните јазли, кујните, обезбедување на против пожарна заштита и така натаму – појаснуваат од МОН за Независен весник.
Предвидено е активностите да бидат заокружени во 2024 година. Првиот чекор е спроведување на сите постапки поврзани со изработка на техничка документација, потоа изработка на проекти за целосна реконструкција на домовите, па избор на изведувачи на градежните работи и нивно целосно исполнување согласно склучените договори.(Б.Б)