Седум македонски состави на манифестацијата „Today It’s All About Jazz“
Во организација на Здружението на џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ Скопје денеска во паркот „Ибни Пајко,“ од 14 часот, ќе се одржи манифестацијата „Today It’s All About Jazz vol.6“.
Манифестацијата се одржува на 30 Април – Меѓународниот ден на џезот. Со овој настан нашата земја се вбројува во 180 земји од светот кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот. Во ноември 2011 година УНЕСКО официјално го одреди 30 Април за Меѓународен ден на џезот, со цел да се истакне џезот и неговата дипломатска улога да ги обединува луѓето од сите страни на светот. Овој настан глобално е предводен од генералниот директор на УНЕСКО, Одри Азулеј, и легендарниот џез-пијанист и композитор Херби Хенкок, кој е и амбасадор на УНЕСКО за меѓукултурен дијалог и претседател на Институтот за џез Херби Хенкок.
Ќе настапат седум македонски џез состави, составени од џез музичари добро познати на публиката. Во текот на целодневниот хепенинг ќе може да се проследат настапите на: Џоле Грујовски – Resonance, Џон Илија Апелгрен & Гордан Спасовски, SS Project, Off Ground Ensemble, Сашо Поповски, CuckooRack aka Bopers и Тони Китановски.
-Музиката има моќ да не обедини сите и по повод Меѓународниот ден на џезот да се собереме и заедно да уживаме во џезот славејќи ги неговите принципи и слободата на изразување, наведуваат од Здружението на џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ Скопје.