Седум македонски граѓани донесени од Перу во Европа


Министерството за надворешни работи информираше дека уште седум македонски граѓани се репатрирани од Лима, Перу на европско тло. Во организација на македонската амбасада во Бразилија, а во соработка со МНР на Португалија, утрово авионот на португалскиот авиопревозник ТАП слета во Лисабон, од каде нашите граѓани го продолжија враќањето кон земјата.

Од сите досега пријавени  за репатријација од Перу, остана уште еден случај на кој континуирано работиме, со оглед на отежнатите внатрешни околности во земјата, заради мерките од пандемијата. Со претходните четири веќе пристигнати граѓани од Перу во земјата и овие седум, во моментот кога ќе се најде решение и за студентот од Куско, сите пријави за репатријација од Перу ќе бидат реализирани, благодарение на Европскиот механизам за цивилна заштита.

Преку механизмот за цивилна заштита на Европската Унија досега се репатрирани вкупно 29 македонски граѓани од Латинска Америка и од Карибите и тоа 11 од Перу, четворица од Бразил, четворица од Аргентина, четворица од Куба, тројца од Колумбија, двајца од Уругвај и еден од Барбадос. Амбасадата на Македонија во Бразилија е адресата за пријавување на затекнатите граѓани од Латинска Америка и од Карибите.