Седница на Влада: Усвоена информацијата за емитување на македонски/албански јазик на Спорт Клуб и Арена Спорт
Владата на Република Северна Македонија на денешната 77-ма седница ги донесе измените и дополнувањата, односно ребалансот на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година, кои, заедно со дополнувањата на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година, ќе бидат доставени на усвојување до Собранието.
Според презентацијата на Министерството за финансии, со овој ребаланс приоритетите до крајот на 2021 година ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата, преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, отворање на нови работни места преку активните мерки за вработување, како и со поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија.
И понатаму останува определбата за поддршка на економијата со инвестиции на инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии преку зголемено учество на капиталните расходи, како и зајакнување на процесот на планирање, извршување и известување за јавните финансии.
За да се реализираат целите во справувањето со КОВИД-19 пандемијата, со овие измени и дополнувања на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година на расходната страна на Буџетот се ограничуваат одредени планирани трошења кај буџетските корисници кои суштински и директно не се поврзани со справувањето со здравствената пандемија, како и се сведуваат на минимум сите непродуктивни трошења од Буџетот.
Имајќи ги предвид остварувањата на приходите за периодот јануари-мај 2021 година, како и потребата за обезбедување на средства за спроведување на активностите предвидени со петтиот и шестиот сет на мерки, извршени се промени во однос на иницијалните проекции на приходната и расходната страна на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 222,6 милијарди денари и тие се за околу 10 милијарди денари или за 4,7% повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Проекциите за приходите се базираат на: реализацијата на приходите во тековната година, очекувањата за економските остварувања во 2021 година, одредени измени во даночната сфера, поголем даночен опфат, фер и олеснети административни процеси.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6%, односно за околу 21 милијарди денари повисоки во однос на планот. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5% од БДП.
Капиталните расходи се планирани на ниво од 30,5 милијарди денари или за 6,5 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година, односно со овие измени и дополнувања на Буџетот за 2021 година извршено е редизајнирање на расходите со поголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи. Порастот од 26,9% на капиталните расходи е резултат на обезбедување на потребните средства за реализација на дел од мерките на Владата.
На оваа своја седница Владата ги утврди и измените и дополнувањата на Законот за работни односи со кои се креирани законски решенија за поголема заштита на правото на неделен одмор во недела и се елиминираат можните злоупотреби во однос на обезбедување на користењето на ова право.
Во насока на предложените законски решенија за прогласување на неделата како неработен ден, на денешната седница се усвоени и измените и дополнувањата на Законот за трговија со цел да се уреди работното време во трговијата во недела и на празници, како и да ги утврди исклучоците во трговијата на мало за кои ќе биде дозволено работа во ден недела и на празници.
Владата денеска ја усвои информацијата за преземените активности од страна на Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат и Државната инспекција за животна средина во врска со наводите објавени за увозот и дистрибуцијата на нафтени деривати, односно мазут, и ги задолжи заменикот-претседателот задолжен за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши, во текот на утрешниот ден, на 9 јуни, за сознанијата и за преземените мерки да ја информираат јавноста на прес-конференција.
На денешната седница Владата донесе одлука со која е овозможена поддршка за вкупно 2.204 компании од угостителската дејност, коишто беа затворени во периодот од 6-ти до 27-ми април, или вкупно 21 ден, за време на забраната за работа како мерка за спречување на ширењето на КОВИД-19.
Компаниите од угостителската дејност со приоритетни шифри на дејност според Националната класификација на дејности, 56.10, 56.29, 56.30, имаа можност да се пријават на отворениот повик за финансиска поддршка, при што од вкупно 2.406 пристигнати апликации, 2.204 се целосни, додека 202 апликанти, не се со соодветна шифра на дејност, или имаа регистрирано подружници под една од споменатите шифри.
Вкупната финансиска поддршка за сите 2.204 компании кои ги исполниле условите на јавниот повик е во износ од 354.656.831 денари или 5,77 милиони евра.
На оваа 77-ма седница се утврдени измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестиции со кои се прошируваат видовите на финансиска поддршка за технолошки развој и истражување, поддршка за инвестициони проекти од значаен економски интерес, поддршка за преземање на претпријатија во потешкотии и конкурентност на пазарот.
Со новопредложените измени и дополнувања се претставуваат и условите за рамномерен регионален развој, се проширува листата на оправдани инвестициски трошоци, и се предвидува дека корисници на финансиска помош да бидат и субјектите кои вршат дејности поврзани со наменско производство како што е производството на воена опрема.
Со претходно одобрување на Комисијата за заразни болести, Владата денеска го дополни Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца согласно кој во период на користење на годишни одмори на вработените (јуни-август) може да се направи спојување на деца од различни воспитни групи и тоа групи до двегодишна возраст и групи од две до десетгодишна возраст, но бројот на деца во група не смее да биде поголем од 15 деца (во групи до двегодишна возраст) и 20 деца (во групи од две до десетгодишна возраст).
Владата ја разгледа и усвои информацијата за овозможување содржина и емитување на македонски/албански јазик на Спорт Клуб и Арена Спорт кои се регистрирани во нашата држава, и ѝ препорача на Агенцијата за електронски комуникации, како надлежно тело, да формира работна група со релевантни институции и да пристапи кон изнаоѓање начин за спроведување на заклучокот за регулирање на јазичното покривање со официјален јазик на барем на спортските канали кои се реемитуваат на територијата на Северна Македонија преку јавни комуникациски мрежи и да ја извести Владата во рок од 3 месеци за оваа можност.