Седмо издание на Speech4Teach, годинава на тема за менталното здравје


Фондацијата Отворено општество – Македонија и Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ денеска ќе го организираат седмото издание на  настанот Speech4Teach, како дел од активностите на проектот „Образование на помалкубројните етнички заедници“.  Оваа година Speech4Teach ќе се одржи онлајн и е на тема за менталното здравје.

Како што соопштија организаторите, целта е да се акцентира потребата од превенцијата уште од најмала возраст и важноста на вклучување на сите чинители – државни институции, училишна управа, наставниците, стручната служба и родителите, за да се овозможи создавање безбедни средини за учениците и достапни програми за развивање на социоемоционалните вештини, но и навремена и
достапна поддршка за сите на коишто им е потребна.

На настанот ќе биде прикажано првото од планираните три едукативни видеа „Говориме за менталното здравје“ во кое експерти и практичари даваат свои видувања за потребата од менталното здравје и неговата важност за хуманиот, физичкиот и социјалниот капитал во заедницата, Ќе се обратат проф. д-р Димитар Боневски, прим. д-р Мери Бошковскa, проф. д-р Александра Каровска, проф. д-р Огнен Спасовски, училишниот психолог Ана Попризова и психологот психотерапевт Радмила Живановиќ.