Седмо издание на БУКСТАР – фестивал на Европска литература во МКЦ
Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најавува седмото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“ / „Книжевни ѕвезди“, кој ќе се одржи од денес до 15 октомври во МКЦ.
Под слоганот „GENRESIS“, Фестивалот оваа година ги поставува прашањата:
Дали COVID-19 е најопипливата апокалиптична форма на цивилизацијата досега? Вител во кој ќе исчезнуваме, дел по дел? Или сме исправени пред поглавје на повторно раѓање на човештвото? Втор GENESIS? И како литературата ќе си го најде своето место во овие застрашувачки моменти? Ќе треба да најде автохтон дискурс, или судбината ѝ е веќе испишана? Нови GENRES?
Европската литература како никогаш досега посегнува по своите деконструирани и раскршени крилја. Затоа, ќе мора да креира, реплицира, колекционира, конгруира. Тука, меѓу дискрепанцата на спротивставените жанрови во настанување или не-станување, се подига нов збор – GENRESIS. Зборот беше почеток, може ли сега да биде – крај?
Различностите надвладуваат, па оваа година пред македонската публика со лично присуство во Скопје ќе бидат претставени дури девет автори:
- Катарина Винклер (Австрија)
Со романот „Модар накит“ го сврте вниманието на книжевната јавност, а учествувала и во театарски и филмски продукции.
- Влада Урошевиќ (Македонија)
Еден е од најпродуктивните и најквалитетни македонски писатели.
- Огнен Спахиќ (Црна Гора)
Наградуван автор, чии книги се преведени на десетина јазици.
- Сјон (Исланд)
Исландски романсиер и поет, кој е вистинска книжевна ѕвезда во европската литература.
- Миодраг Мајиќ (Србија)
Познатиот двигател на промените во српското правосудство доаѓа во Скопје како автор на два врвни и омилени романи.
- Балсор Хоџа (Косово)
Автор на неколку книги и познат и влијателен публицист.
- Марина Вујчиќ (Хрватска)
Подеднакво активна и во театарот и во книжевноста, моментално ја извршува функцијата директорка на драмата во Хрватскиот народен театар во Сплит.
- Софија Лундберј (Шведска)
Име што уште со романот „Црвениот адресар“ стана меѓународна сензација.
- Михаела Гашпар (Хрватска)
Нејзино примарно занимање била скулптурата, но подоцна се предава успешно само на литературата.
Во фокусот на фестивалот, како и секоја година, ќе бидат промоциите на нивните дела. Покрај овие настани од главната програма, организаторите најавуваат и тркалезна маса на тема „Превод/комуникација,/разбирање“, настан во чест на 100-годишнината од раѓањето на Станислав Лем, книжевна дискусија на тема „Книжевни жанрови: систем или креативен хаос“, работилница за креативно пишување од страна на Сјон, книжевно читање „Ти реков, ми рече“, познатиот книжевен поткаст „Гол ручек“ во живо, Саем на европската литература и многу други содржини.
- Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен
- За време на фестивалот ќе бидат почитувани актуелните ковид-протоколи.