Седми ден се трага по Петар, се спуштија и во јами


Припадници на државните служби, спелеолози и доброволци ја продолжуваат потрагата по десетгодишниот Петар Џобоски, кој исчезна минатиот петок во Врбско, Прилепско.

Спасувачките тимови и денеска се спуштаат во старите окна на поранешната фабрика „Партизанка” од Прилеп длабоки 70 метри, откако момчето не беше пронајдено вчера кога припадник од Дирекцијата за спасување и заштита (ДЗС), влезе во јамата на напуштениот рудник „Партизанка“, според последните информации во медиумите.

Во јамите на „Партизанка“ претходно никој не влегол во изминатите 40 години.

Според МВР, во потрагата по Петар се вклучени голем број на доброволци и околу сто припадници на државните служби. Од вторникот во потрагата се приклучи и ДЗС со ангажирање на седуммина припадници, од кои четворица се од тимот за брз одговор за спасување од планини од ПОЗС – Битола, еден од тимот за спасување од високи објекти од ПОЗС – Прилеп и двајца вработени од Секторот за оператива и логистика.

ДЗС ги засили тимовите вклучени во потрагата по момчето со стручни лица од Македонски Брод и од Тетово, покрај ангажираните припадници од Битола, Прилеп и Скопје. А ДЗС за потребите на потргата обезбеди и АТВ – мотори и специјални возила.

Предвидено е потрагата да продолжи денес и утре по течението на Црна Река.

На Петар му се губи трагата во дворот од куќата во село Врбско, Мариово, каде што неговите родители одгледувале пчели.