Себастијан Курц: Од политички вундеркинд до заткулисен манипулатор


Истрагата за корупција го уништи образот на австрискиот лидер, кој се претставуваше како свежо лице и во домашната и во европската политика

 

Себастијан Курц, политички вундеркинд, кој стана лидер на Австрија на само 31 година, се искачи на власт негувајќи младешки, добронамерен имиџ што им се допаѓаше и на старите и на младите. Но, големата истрага за корупција ја уништи таа претстава за австрискиот лидер. Оддеднаш тој имиџ стана лажен.

Серијата приватни СМС-пораки помеѓу канцеларот од десниот центар и неговите заменици и другите преписки откриени од австриските власти како дел од опсежната истрага за политичка корупција го претставија Курц не како добро воспитаниот „омилен зет на нацијата“ кој го зароби срцето на своите сонародници и голем дел од ЕУ, туку повеќе како остроумен заткулисен владетел, подготвен да стори сé што е потребно за да ја протурка својата агенда, без разлика дали се занимава со католичката црква, дали прави политички услуги или се справува со ривали.

Метаморфозата на Курц можеби звучи како позната политичка приказна, но во време кога голем дел од Централна Европа западна во форма на мек авторитаризам, неговата трансформација и големиот корупциски скандал што ја зафати австриската политичка класа сугерираат дека ерозијата на демократските норми во регионот се закануваат да се прошират и во Западна Европа.

Тоа би значело значителен пад на Европската унија, која веќе се бори да се справи со непослушните влади во Унгарија и во Полска во врска со чекорите што ги презедоа за да го поткопаат независното судство и медиумите. Како и водачите на тие земји, Курц не бега од напади на ЕУ за да се оддалечи од своите домашни проблеми. Само минатата недела тој го предводеше неуспешниот обид, придружуван од Чешка и Словенија, да добие поголем дел од вакцините од ЕУ, напор кој беше широко отфрлен како политички трик.

До неодамна многумина во Брисел го гледаа Курц не како закана, туку како конзервативна иднина на Европа. Централно-десничарската Европа, доминантен политички блок во Европскиот парламент, беше воодушевена од силниот млад Австриец, чијшто тврд став кон миграцијата многумина го сметаа за модел за конзервативните партии низ целиот континент. Тој беше особено популарен во Германија, каде ги воодушевуваше медиумите, особено влијателниот таблоид „Билд“. Некои дури видоа во Курц стандард за политичар по ерата на Меркел. Но, тоа не важи повеќе.

Додека размените на пораките даваат  редок, нефилтриран поглед на тоа како политичарите работат зад сцената, она што тие исто така го откриваат е она што ветеранот на австриската политика и  коментатор Питер Филцмаер го опиша како „неверојатна баналност на луѓето кои ја водат нашата република “.

„Не грижи се! Tи си ни семејство “, министерот за финансии Гернот Блумел, еден од најблиските заменици на Курц, испрати порака до својот лојалист во обид да го увери човекот дека ќе се погрижи за негово вработување.

Таквите тактики, дури и кога асоцираат на лош мафијашки филм, воопшто не изненадуваат во политичките кругови. Но, Курц, кој ги ребрендираше старите конзервативни партиски корени  по преземањето во 2017 година, менувајќи сè, од името до нивната боја (од црна во тиркизна), требаше да биде поинаков. Тој не вети само дека ќе направи револуција во политиката на земјата: Тој ги убеди Австријците дека е сериозен.

Курц, кој ја предводи Австриската народна партија, не е директен предмет на истрагите за корупција, кои опфаќаат обвинувања за сè, од мито до кршење на законите за службена тајна, но тие допираат до неговиот близок круг. Сепак, можеби уште поштетно за Курц на подолг рок е што размената на пораки ја уништи јавната претстава што тој ја изгради за себе како милениумски политичар кој ќе стави крај на клупската политичка машинерија која доминираше во повоената историја на Австрија. 

Далеку од подвлекување линија под таа ера, Курц го создаде она што критичарите го нарекоа „Куќа на Курц“, тесна мрежа на лојалисти на канцеларот во владата, во  приватниот сектор и во медиумите кои тивко соработуваа во нивна заедничка корист. Наместо „новиот стил“ што го вети, оваа недела Австријците научија дека „сè проаѓа“.

Истрагата за корупција која ги откри контроверзните меѓусебни пораки беше  предизвикана од таканаречената афера „Ибица“, скандал што експлодираше во 2019 година по објавувањето на видеото на кое се гледа како крајно десничарскиот водач, кој стана коалициски партнер на Курц, нудеше услуги за пари за време на бурна  сесија со жена за која веруваше дека е внука на руски олигарх. Курц го преживеа скандалот неповреден, иако тоа го собори неговиот коалициски партнер, предизвикувајќи нови избори што резултираа со неговата сегашна коалиција со австриските зелени. Во меѓувреме, истрагата на властите за случајот Ибица ги доведе до потесниот круг на канцеларот.

Во центарот на истрагата за корупција е односот помеѓу австриските казино-оператори и јавните службеници. Поранешниот вицеканцелар Хајнц-Кристијан Штрахе, човекот кој е прикажан на озлогласената снимка на Ибица, на снимката тврди дека една од компаниите, „Новоматик“ – „им плаќа на сите“. Со други зборови, тој тврди дека компанијата им инкасира пари на сите политички партии во земјата како возврат за услугите, обвинување што компанијата и политичките партии силно го негираат.

Во текот на истражувањето на тоа тврдење, истражителите налетаа на текстот што поранешниот шеф на „Новоматик“ го испратил во 2017 година до сојузникот на Курц Блумел, сегашен министер за финансии. Извршниот директор на „Новоматик“, Харалд Нојман, му вели на Бјумел дека му треба состанок со Курц, тогаш уште австриски министер за надворешни работи, за да разговараат „ за донација и за друг проблем што го имаме во Италија“.

Блумел и Курц велат дека состанокот никогаш не се случил и никогаш не била дадена донација. Курц ја претстави истрагата, предводена од обвинителот за финансиски криминали во Австрија, како длабоко погрешна.

„Направени се толку многу грешки што мислам дека има итна потреба за промена таму“, рече Курц во февруари, привлекувајќи гнев кај австриските судии и обвинители, кои го обвинија за невиден напад врз независноста на судството.

Ако Курц се надеваше дека неговите интервенции ќе предизвикаат обвинителите да се повлечат, тој  секако бил разочаран. Место тоа, тие го зголемија притисокот, истражувајќи ги обвинувањата – негирани од инволвираните – дека висок службеник на правдата, лојален на Курц, тајно ги пренел информациите од истрагата на Блумел. Обвинителите го прогласија Блумел за осомничен во истрагата за мито, предизвикувајќи опозициски извици за негова оставка, кои тој ги отфрли. Тој негира каква било злоупотреба.

Како што често се случува во широките истраги за зделките на политичарите, австриската истрага ги однесе властите во неочекувани насоки. Едната насока  вклучува маж по име Томас Шмит, шеф на државна холдинг компанија која управува со влоговите на Австрија во поранешните државни претпријатија, вклучувајќи ги „Телеком Австрија„ и ОМВ, компанија за нафта и гас. Заедно со Блумел, Шмит спаѓа во тесната група посветени поручници на Курц, кои соработуваат со канцеларот уште од неговите рани денови во политиката.

При анализата на текстовите на телефонот на Шмит, властите откриле како извршната власт ја освоила својата главна позиција во државната холдинг компанија во Австрија, ÖBAG, каде што заработува, во зависност од перформансите, до 600.000 евра годишно.Не само што Шмит – до 2018 година висок службеник во Министерството за финансии на Австрија – лично учествувал во пишувањето на условите за работното место, тој исто така лично го избрал и одборот што ќе го вработи. Шмит никогаш не работел како извршен директор на компанија и немал меѓународно искуство, фактори што може, под други околности, да ги уништат неговите шанси да застане на чело на една холдинг-компанија што ги надгледува корпоративните инвестиции во вкупна вредност од 26 милијарди евра. Но, Шмит имаше нешто друго: моќен сојузник по име Себастијан Курц.По неколку месеци инженеринг на неговиот потег, Шмит побара гаранции од Курц дека неговата нова работа ќе носи вистинска моќ и дека не е само церемонијална.

„Доби сè што сакаше ???“, го уверува Курц Шмит во СМС-пораката во март 2019 година.

??? Јас сум многу среќен… го сакам мојот канцелар “, одговорил Шмит.
 
По негодувањата во јавноста во врска со аферата, Шмит во вторникот рече дека ќе се повлече од државната холдинг компанија кога неговиот договор ќе истече следната година и нема да ја искористи опцијата да го продолжи за две години. Опозицијата во Австрија бара истрага дали Шмит прекршил закони за обезбедување на работното место. И тој и Курц, кои одбија да го коментираат овој напис, негираат каква било злоупотреба.
 
„Она што можеме да видиме е дека „Курц системот“ беше дизајниран од самиот почеток да ја преземе контролата над државните институции и да создаде држава во рамките на државата“, оцени Каи Јан Крејнер, парламентарниот лидер на опозициските социјалдемократи. 
 
Се чини поверојатно дека Курц едноставно наградувал сојузник за неговата лојалност. Со текот на годините, Шмит преземаше секакви надвор од правилата задачи за Курц, велат луѓето кои работеле со нив двајцата. Само неколку недели пред Шмит да добие голема државна функција, тој му помогнал на канцеларот околу  деликатна работа во врска со Католичката црква. Откако еден локален државен службеник беше прободен до смрт од страна на турски бегалец во западна Австрија на почетокот на 2019 година, Курц го одобри строгиот нов закон за да им се дозволи на властите да ги стават барателите на азил кои се сметаат за „опасни“ во притвор. Но, католичките водачи, предводени од популарниот архиепископ во Виена, кардинал Кристоф Шонборн, се спротивставија на идејата, јавно споредувајќи ја со тактиката што ја користеа репресивните режими.
 
„Секоја диктатура во светот ги заклучува луѓето едноставно поради недоверба“, напиша Шенборн во колумната на весникот. „Утре може да бидеме вие ​​или јас“.
 
Курц го охрабри Шмит да „притисне на гас“ со план да изврши притисок врз црквата. „Ќе ги оставиме без значителен пакет“, порача Шмит пред состанокот со висок претставник на црквата. Тој продолжил да објаснува дека ќе го извести преставникот на црквата дека „во контекст на разгледување на сите даночни привилегии низ целата република, Министерството за финансии ќе ја разгледа одблизу црквата“. И двајцата знаеја дека за црквата, која има потешкотии да работи без повластен даночен третман, заканата е еквивалентна на нуклеарна опција. Одговор на Курц бил: „Супер“.

 

Неколку часа подоцна, Шмит го пријавил состанокот на Курц, пишувајќи дека службеникот на црквата се вознемирил откако ја добил заканата. Човекот „станал црвен, потоа блед, а потоа започнал да се тресе“, му напишал Шмит на својот шеф.

„Супер, многу ти благодарам !!!!“, одговорил Курц.

И покрај очигледната одушевеност на Курц, тактиката не успеа. Шенборн, кардиналот, продолжи да ја отфрла предложената политика за азил, нарекувајќи ја „нехумана“.

Само неколку недели по посетата на црквата од страна на Шмит, владата на Курц се распадна во аферата Ибица. Политиката за азил никогаш не стапи на сила, иако партијата на Курц сè уште ја спроведува.

Надвор од скандалите што го јадат кредибилитетот на Курц, поголемо прашање е дали тој може да преживее како политички лошо момче. И покрај тоа што неговиот рејтинг  се намали последните денови, повеќето набљудувачи се обложуваат дека тој ќе успее, со оглед на слабоста на опозицијата.

„Откако ја презеде Народната партија во 2017 година, прашањето беше дали ова е само паметен маркетинг или нешто навистина ќе се промени“, рече Филцмаер. Австријците сега барем го знаат одговорот. (Политико)