Се зголемува притисокот врз американска федерална агенција да одобри пренос на власта

САД –  Малку познатата федерална агенција на САД, Управата за општи работи (ГСА), е најголемата пречка за нови напори за борба против коронавирусот, изјави синоќа  новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден.

„Многу работи не ни се достапни“, вклучително и ажурирани информации за лична заштитна опрема и план за дистрибуција на вакцини за Ковид-19, рече Бајден.

Емили Марфи, која е на чело на ГСА, мора да го „одреди“ победникот на изборите на 3 ноември, на кои се спротивставија Бајден и актуелниот републикански претседател Доналд Трамп. Тоа е услов да се дадат средства и ресурси на победничката страна, а таа не го стори тоа досега.

Поради доцнењето на ГСА да прогласи победник на изборите, тимот на Бајден не е во можност да достигне милиони долари федерални пари и не може да се состане со разузнавачи и службеници на Министерството, јавија американски медиуми. Законот не кажува експлицитно кога ГСА мора да објави, но преодниот тим на Бајден тврди дека нивната победа е јасна и дека доцнењето не може да биде оправдано, и покрај тоа што Трамп одбива да го признае поразот.

Марфи е единствената овластена за плати, канцелариски простор, официјални адреси за е-пошта и разузнавачки брифинзи за новата администрација, што официјално стапува на должност на 20 јануари.

„Ако ова не биде достапно наскоро, ќе застанеме со недели или месеци“ во врска со напорите да се спречи ширењето на коронавирусот, рече Бајден на виртуелниот настан со здравствените работници во Вашингтон.

Трет бран на инфекција ги погоди САД, со број на жртви од Ковид-19 вчера – веќе над 250 000 лица.

Гувернерот на Њу Џерси, демократот Фил Марфи вчера ја оквалификува како „луда ситуација“ во која тој секојдневно разговара со експерти за коронавирус во Белата куќа и има посебен канал за комуникација со советниците за вирусот на Бајден.

„Тие два табора не зборуваат и тоа е голем проблем“, изјави гувернерот за Си-Ен-Ен. „Тоа е голем проблем што може да ја загрози дистрибуцијата на вакцини и, пошироко, животите.

ГСА не соопшти кога Марфи ќе ја донесе својата одлука и агенцијата не одговори на писмото на Конгресот со истото прашање, соопштија официјални претставници на американскиот Конгрес.