Се зголемува опфатот за субвенционирање плати од 1.624 на 1.974 лица

Опфатот за субвенционирање плати се зголемува на 1.974 лица, наместо планираните 1.624, односно наместо 361.288.000 денари за оваа мерка ќе се зголемат средствата на 441.088.000 денари. Дополнителните средства ќе бидат обезбедени од нереализираните средства од останатите мерки кои беа донесени за намалување на невработеноста.

Ова беше одлучено на предлог на Агенцијата за вработување на денешната седница на Владата на која беше усвоена Информацијата за ревидиран Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2020 година.

Според Информацијата поднесена од Министерството за труд и социјална политика од ИПА Акциската програма за 2020 година, сектор Конкурентност, иновации, земјоделство и рурален развој, се предлагаат две активни мерки, за самовработување (претприемништво) и формализација на постојни бизниси во услови на КОВИД-19, со која се овозможува отворање вкупно 700 самовработувања, како и поддршка на микро, мали и средни претпријатија погодени со КОВИД-19 и финансиска поддршка за секое новоотворено работно место.

-Активните програми за вработување и услугите на пазарот на трудот имаат за цел да ја зголемат вработливоста на невработените лица преку различен вид на програми и мерки со обезбедување поддршка за креирање нови работни места, обуки, работно ангажирање, како и обезбедување услуги на невработените лица, наведува Владата.