Се зголемува искористеноста на европската помош во земјоделството


ИПАРД програмата во периодот на владеење на минатата власт бележеше рекордно низок процент на искористеност од околу 20% односно само 12 милиони евра. Само со еден јавен повик сега, се исплаќаат близу 20 милиони евра, а во процес на потпишување се дополнителни 800 договори за финансиска поддршка со што искористеноста на програмата ќе достигне над 50 проценти од вкупниот расположлив буџет, соопшти Татјана Прентовиќ, претседателка на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ.

Таа рече дека земјоделците ги препознаваат придобивките што ги нудат ЕУ и европските фондови.

– Со мерките од ИПАРД 2 програмата им овозможивме на земјоделците да ја обноват застарената механизација и за првиот јавен повик се склучија 665 договори за набавка на трактори во вредност од над 5,4 милиони евра. Во овие две години е постигнат значаен напредок во искористеноста на мерките од ИПАРД 2 програмата. На првиот повик од ИПАРД 2, (2014 – 2020) кој се објави во 2017 година се склучија 947 договори, со кои се побаруваат 22 милиони евра. Исто така, на 540 апликанти веќе им се исплатени над 7,3 милиони евра за инвестициите кои ги реализирале – изјави Прентовиќ.

Таа посочи дека од страна на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој објавен е јавен повик за мерката 7 – Диверзификација на фарми и развој на мали бизнис од ИПАРД 2 програмата кој ќе биде отворен до 18 ноември.

– Го поттикнуваме рамномерниот рурален развој преку директно обезбедување на средства за земјоделците, преработувачите, занаетчиите, трговците, угостителите и други физички и правни лица чии инвестиции се насочени во руралните средини. СДСМ како одговорна и домаќинска партија продолжува со спроведување на мерки кои обезбедуваат подобар живот за сите, повеќе пари за секое семејство и развој на најважните гранки во општеството меѓу кои и земјоделството – рече Прентовиќ.