Се зголемува хорот на републикански сенатори кои бараат Трамп да го признае поразот

Шели Мур Капито се приклучи на растечкиот хор на републикански сенатори кои бараат да започне официјалната претседателска транзиција.

Сенаторката од Западна Вирџинија истакна дека ја поддржувала кампањата за реизбор на Доналд Трамп, но таа рече дека сега е јасно дека земјата гласала за да се движи во друга насока.

„Иако се утврдени некои неправилности и измами и треба да бидат казнети, нема индикации дека тие се раширени доволно за да се доведат во прашање резултатите од изборите“, рече Капито во изјавата.

„Јас бев јасна дека претседателот Трамп – како и секој кандидат за функција – има право да бара пребројување на гласовите и да покренува правни побарувања пред нашите судови. Сепак, во одреден момент, изборите во 2020 година мора да завршат“, рече таа.

Капито ја заклучи својата изјава: „Верувам дека потпретседателот Бајден и сенаторката Харис треба да започнат да ги добиваат сите соодветни брифинзи поврзани со националната безбедност и Ковид-19 за да се олесни непречениот трансфер на власта во веројатниот случај дека тие ќе стапат на должност на 20 јануари“.

Изјавата на Капито доаѓа неколку часа откако весникот „Синсинати инкваерер“ објави колумна од Роб Портман, друг републикански сенатор, во која се вели дека нема докази за широко распространета измама што ќе го промени резултатот на изборите.