Се зголемува фиксната цена за такси превозот од и кон аеродромите во Солун и Атина


Наместо досегашните 40 евра за такси превоз од и кон аеродромот во Атина, патниците ќе плаќаат цена за десет евра повисока, додека пак во Солун, фиксната тарифа од и кон аеродромот ќе се зголеми за три евра, јави дописничката на МИА од Атина.

Извори од Министерството за инфраструктура и транспорт на Грција информираа дека по консултациите и конструктивниот дијалог со Грчката федерација на такси-превозници и Синдикатот на такси-превозници на Атика, се воведуваат промени во цените на такси-превозот што се однесува на аеродромите во Солун и во Атина, додека пак основната тарифа на такси-превозот (и дневна и ноќна) не се менува и минималната цена од четири евра останува иста.

Поконкретно, со промените, фиксната цена за релацијата од Меѓународниот аеродром во Атина „Елефтериос Венизелос“ до центарот на Атина ќе се зголеми од 40 на 50 евра во дневната тарифа, за периодот од 5 часот наутро до полноќ и од 55 на 65 евра во ноќната тарифа (од полноќ до 5 часот наутро).

За Солун, фиксната цена за патување од аеродромот до центарот на градот ќе се зголеми од 25 на 28 евра во текот на денот и од 35 на 38 евра во ноќната тарифа.

Дополнително, специјалниот трошок за чекање се зголемува на 20 евра за час, од досегашните 15 евра, а максималниот износ за чекање, кој се наплаќа по слободен договор меѓу возачот и патникот, ќе се зголеми од 25 на 40 евра.

Конкретните промени ќе стапат во сила по објавувањето на одлуката во Службен весник во следните денови.

Одлуката на надлежното Министерство ја поздравија и Синдикатот на такси-превозници на Атика и од Грчката федерација, објаснувајќи дека е важен чекор за одржливоста на професионалните такси-превозници.