Се здружуваат ракометните клубови „Еурофарм Работник“ и „Пелистер“


Советот на Општина Битола денекас на официјална седница ја почна постапката за здружување на ракометните клубови „Еурофарм Работник“ и „Пелистер“ кои се натпреваруваат во најдобрата македонска ракометна лига.

Битолските советници пред себе ја имаа и дискутираа за „Платформа за ракометна Битола“ која ја изработи раководството на РК „Еурофарм Работник“, тим кој годинава обезбеди учество во европската Лига на шампиони и СЕХА-Лига.

-Платформата доставена од РК „Еурофарм Работник“-Битола е за создавање на еден европски ракометен тим во ракометна Битола. Нашата цел е да создадеме силен клуб, клуб кој ќе биде победник во домашното првенство и во Европа. Нашата цел е силните европски ракометни натпревари да се играат во Битола. Делови од платформата за нас се прифатливи, а делови ќе се договораат во наредниот период. Ние како Совет на Општина Битола сакаме двата клуба да имаат иста сопственичка структура, односно 75 отсто да е сопственост на компанијата Еурофарм, а 25 отсто сопственост на Општина Битола. Исто така сакаме сите натпревари од Лига на шампиони и СЕХА-лига да се играат во спортската сала „Боро Чурлевски“, да се зачува грбот на РК „Пелистер“, а бојата на дресовите да биде комбинирана односно ракометарите да имаат два дресови, еден со сино-бела и еден дрес со зелено-бела боја. Со оваа платформа се создаваат услови за формирање на два клуба под исто име, односно еден клуб ќе биде европски силен и ќе се натпреварува во европските купови, а другиот ракометен клуб ќе биде база за посилниот клуб, изјави претседателот на Советот на Општина Битола, Валентин Груевски.

На седницата на Советот на Општина Битола, членовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочија дека се работи за нетранспарентен преговарачки процес и гласаа воздржано за текстот на Платформата и заклучоците предложени од мнозинството во општинскиот Совет.

-Сите преговори меѓу клубот и општината се водени нетранспарентно. Ние бараме со платформата да се одржи континуитетот и традицијата на РК „Пелистер“. Исто така бараме да биде извесна судбината на тренерите и младинските школи на РК „Пелистер“ и ќе бараме во наредните пет години гаранција сите меѓународни натпревари де се играат во Битола, а не во друг град, изјави Иванчо Тошевски, координатор на советничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Советот на Општина Битола очекува во наредниот период произнесување од предлагачот на Платформата за ракометна Битола, односно од РК „Еурофарм Работник“ и по завршување на процесот на услогласување се очекува донесување конечна одлука за формирање на единствен ракометен клуб „Еурофарм Пелистер“-Битола.