Се засилуваат превентивните мерки за заштита од корона вирусот


Фото: Б. Грданоски

Нема нови случаи на заразени со корона вирусот, но надлежните ги зајакнуваат мерките за превенција. Во новите мерки кои ги соопшти денес на прес конференција министерот за здравство Венко Филипче, се и обврската патниците кои патуваат со авионите на „Визер“ од Милано и од Венеција да пополнат здравствен локатор – карта, како и изготвување план за дистрибуција на средства за дезинфекција до основните и средните училишта. Обврската за пополнување на здравствена карта важи и за фудбалските репрезентативци кои играат во Италија, а ќе пристигнат во земјава за натпреварот Македонија – Косово.

„Нашите фудбалери кога ќе доаѓаат од Италија во Скопје за натпреварот со Косово, ќе треба да потполнат здравствен локатор – карта за корона вирусот, како и останатите лица кои доаѓаат од критичните региони“, рече министерот Филипче, одговарајќи на прашање на новинарите. Во фудбалската репрезентација на Македонија има тројца стандардни репрезентативци кои играат во италијански клубови – капитенот Горан Пандев, Илија Несторовски и Елиф Елмас.

Пополнувањето на вакви обрасци, како што нагласи министерот за здравство, е стандарна процедура при вакви ситуации.

„Во Европа се зголемува бројот заболени и согласно поригорозните мерки што ги најавија италијанските власти за северниот регион, се одлучивме за зголемување на контролата, што значи дека патниците со авионите на „Визер“ од Милано и од Венеција на скопскиот и на охридскиот аеродром ќе треба да пополнат здравствен локатор – карта на што се согласи авиопревозникот. Мерката ќе овозможи добра контрола и следливост на патниците“, рече Филипче. Тојпојасни дека патниците ќе остават податоци на која адреса престојуваат и доколку после одреден број денови се јави некој патник со симптоми ќе биде лесно да се најдат сопатниците кои што седеле неколку редови пред и зад тој патник во авионот.

Филипче исто така информираше дека ниту еден од осумтемина кинески работници од компанијата „Синохидро“ кои работат во земјава, нема симптоми на корона вирусот.

„Кинеските работници од компанијата „Синохидро“ се сместени во изолација и секојдневно имаат контакт со локалниот епидемиолог. Ниту еден од нив нема знаци за заболување“, рече Филипче.

Во изминатото деноноќие нема нови лица кои се тестирани за корона вирусот. Жената која што беше хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести откако беше потврдено присуство на корона вирусот е добра и нејзината здравствена состојба се повеќе се подобрува, рече Филипче.

Тој потсети на препораката на Владата за неодржување масовни јавни собири до 6 март, која, доколку има потреба ќе се промени, и уште еднаш апелираше граѓаните да се придржуваат до мерките за заштита и доколку не е неопходно да не се патува во ризичните региони.

Инаку, вчера премиерот Оливер Спасовски и министерот Венко Филипче беа на граничниот премин Табановце кон Србија за да проверат како се почитува системот за превенција од корона вирусот. Откако ги дезинфицираа рацете и потоа разговараа со вработените на граничниот премин, двајцата изјавија дека се почитуваат насоките на Кризниот штаб за контрола на секој патник што влегува во земјава.

Спасовски изјави дека дошле на Табановце „за да ја дадеме поддршката на полициските службеници, на Царинската управа, на Центарот за јавно здравје и на сите кои практично се справуваат со овие состојби, наметнати од ширењето на корона вирусот“. Тој уште додаде: „Апелирам да се почитуваат препораките од епидемиолозите, центрите за јавно здравје и Кризниот штаб, бидејќи сите заедно можеме максимално да бидеме заштитени низ еден систем кој одлично функционира“.

Министерот Филипче соопшти дека целосно се почитувал алгоритамот за справување со вакви случаи: „Тоа значи дека се прашува секој патник од каде доаѓа и доколку доаѓа од ризичните региони се прави дополнително интервју, дали бил во контакт со заболени лица, дали евентуално патникот има симптоми и доколку има се упатува во посебна изолирана соба, се прави контакт со епидемиолозите од Центарот за јавно здравје кои потоа, по потреба постапуваат според алгоритамот. Сметам дека ова е одлична координација, продолжуваме и со едукативни часови“.

Филипче рече дека стигнале контролните резултати од лабораторијата во Германија со која соработуваат, кои ги потврдил сите досега направени тестови, сите негативни и позитивниот на пациентката. (Н.В.)

Фото: Борис Грданоски