Се замрзнуваат вработувањата во јавниот сектор, на административците им се крати К-15


Предложениот максимален износ на новото задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал - еврообврзница во износ до 800 милиони евра ќе обезбеди финансиски средства за буџетска поддршка на Македонија во 2020 и 2021 година и за рефинансирање на обврските

Владата денес донесе одлука за пренамена на средствата од непродуктивните расходи во средства за справување со здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19. Вкупно  50,1 милион евра од ЕИБ се пренасочуваат за поддршка на малите и средни претпријатија, а средствата од компензационите фондови од странската помош одат во Развојната банка за поддршка на мерките за справување со последиците од коронавирусот во стопанството.

Притоа, во јавниот сектор времено се забрануваат новите вработувања, нови ангажирања преку агенции за привремени вработување и нови договори на дело, освен за ангажирања на соодветен кадар во здравствениот сектор и во други сектори кои се во насока на справување со последиците од коронавирусот.За сите трајно испразнети работни места (пензионирања и други заминувања по различни основи) да нема прием на нови вработувања.

Доколку се утврди неопходност за пополнување на некое работно место, истото да се пополни од институции каде што има суфицит, а доколку нема таков кадар по институциите, за ангажирање на лицата да одлучува Владата.Сепак, да не се стопираат веќе почнатите постапки за вработувања, за кои има согласност од Министерство за финансии. За издадените согласности за кои не се започнати постапки за вработувања да не се започнуваат.

Одлучено е исто така:

Расходите за репрезентации, спонзорства и реклами да се сведат на минимум во јавниот сектор.

Колективниот договор за култура во кој се регулирани сите права да се пролонгира до крајот на 2020 година.

На вработените во јавниот сектор да не се доделува регрес за годишен одмор во 2020 година, како и да не се реализираат другите права во Општиот колективен договор за јавниот сектор за 2020 година.

Во текот на 2020 година времено се забранува набавка на мебел, опрема и возила, кои суштински и директно не се поврзани со справување со здравствено-економската криза предизвикана од вирусот КОВИД-19, освен за оние за кои има дозвола од Владата.

Владата ги задолжува  јавните претпријатија и АД во државна сопственост да ги намалат тековните расходи за 15% за 2020 година и за тоа да ја известат Владата.

Владата до крајот на 2020 година ги задолжува буџетските корисници и единките корисници да ги почитуваат мерките за намалување на расходите.

Се задолжува Владата да ги информира општините, јавните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост и останати субјекти во јавен сектор за донесените мерки за намалување и им препорачува да ги почитуваат донесените мерки за намалување на расходите, како и да се воздржат од помалку суштинските расходи кои не придонесуваат во справувањето со коронавирусот.

На седницата Владата донесе Одлука за субвенционирање на каматата спрема Европската инвестициона банка која ќе се пресметува на преостанатиот дел од заемот во износ од 50.962.187,00 евра одобрен со Финансискиот договор, наменет за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти – V фаза, склучен меѓу Европската инвестициона банка и Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје, како и пресметаната камата од страна на Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје.

Примарна цел на оваа кредитна линија е обезбедување на свеж капитал за поддршка и за  надминување на проблемите кои произлегуваат од новонастанатата состојба со појава на коронавирусот КОВИД-19 кој директно го погодува работењето на малите и средните претпријатија,  во насока на мерките за стимулирање на работењето на мали и средни претпријатија преку пронаоѓање на модалитети за стимулирање на процесот на производство, обезбедување на ликвидност на претпријатијата, зачувување на работните места како и задржување на конкурентната позиција на компаниите.

На оваа седница Владата ја усвои Информацијата за потребата од редизајнирање на Кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) и Кредитната линија за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија со цел ставање на средствата од овој фонд и кредитна линија во функција на намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19, со препорака Развојната банка на Северна Македонија олеснетите услови да ги примени во Јавниот повик во најкраток можен рок.

Владата, информираат од владината прес-служба, ја разгледа и усвои Информацијата за пренос на дополнително прибрани средства од Компензационите фондови од странска помош од сметките на Министерството за финансии во Народна банка на Република Северна Македонија на сметките на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје.