Се враќале од свадба: 10 загинати кога се превртел автобусот во Австралија


Десет лица загинаа вчера во сообраќајна несреќа што се случи во регионот Хантер, во австралиската држава Нов Јужен Велс. Сите загинати биле во автобусот кој излетал од патот кај кружниот тек. Несреќата се случила вечерта недалеку од градот Грета кога автобусот се враќал од свадбена веселба.

Возачот е уапсен
Возачот на автобусот, 58-годишниот Брет Ендрју Батон, ја преживеал несреќата и бил пренесен во болница на тестови. Според првите резултати од полициската истрага Батон возел пребрзо во магла. Тој беше уапсен и обвинет за повеќе точки за опасно возење и невнимание.

„Тој ја изгуби контролата над возилото. Очигледно, брзината беше преголема за да го помине тој кружен тек“, изјави локалниот функционер Дејвид Вадел. Ниту една жртва се уште не е официјално идентификувана.