Се воведува нов систем за рана интервенција за деца од 0-6 год со доцнење во развојот или попреченост


На панел дискусијата посветена на имплементацијата на гаранцијата на деца во ЕУ – од рана интервенција за еднаков пристап до социјална и здравствена заштита, претставничката од Министерство за здравство, Диана Ристовска Додевски се осврна на постапката за воведување на нов семејно-ориентиран систем за рана интервенција во детството (РИД) за деца од 0 до 6 години со доцнење во развојот и/или попреченост.

-Семејно-ориентираните интервенции во раното детство претставуваат индивидуализирани услуги наменети за деца од 0 – 6 годишна возраст и нивните семејства. Услугите за рана интервенција во детството (РИД) помагаат да се идентификуваат, превенираат, надминат или минимизираат ризичните состојби. Во рамките на ова решение ќе се градат капацитети кај професионалците (вработени во пилот институциите) преку обука за примена на иновативен трансдисциплинарен и семејно-ориентиран пристап, која ќе биде спроведена од тим на експерти од земјите на ЕУ, појасни Ристовска Додовски.

За таа цел, Министерството за здравство, дава поддршка на процесот на пилотирање и воспоставувањето на семејно-ориентирана рана интервенција во детството.
Таа се осврна и на следните чекори во наредниот период и тоа започнување на пилот фаза со комисиите во Скопје, имплементација на корекции и дополнувања врз основа на практични повратни информации, организирање на обуки за сите комисиски тимови, со цел целосно стартување на системот на национално ниво.

Во однос на достапноста до здравствено осигурување, таа истакна дека интенцијата е секое едно дете, не само дете, секој граѓанин на Македонија да биде осигурен. За оваа цел во рамки на МЗ има и посебни програми, појаснувајќи дека постои програма за мајки и деца и за програма за задолжително здравствено осигуривање за државјаните на РМ кои не се задолжително осигурани.

-Пристапот до здравствена заштита е директно поврзан со осигурувањето, освен во итни, животозагрозувачки случаи кога се реагира соодветно, заклучи таа на панел дискусијата со претставници од ресорните министерства за интегрирани услуги со цел подобро да се одговори за најранливите деца.

На панел дискусијата беа презентирани најсовремени европски практики од претставници од Австрија, Романија, Хрватска од имплементацијата на гаранцијата за деца во ЕУ – од рана интервенција за еднаков пристап до социјална и здравствена заштита.