Се вмешува и Израел – ќе ги извлекува Евреите од Украина доколку дојде до инвазија

Според израелски владини функционери, има околу 200.000 жители на Украина кои имаат право да се преселат во Израел


Аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, Израел

 

Израел има таен план да ги спасува Евреите и нивните роднини во случај на руска инвазија на Украина, изјавија во неделата високи владини претставници.

Планираната операција вклучува нивно спасување, нивно носење во Израел и привремено сместување, пишува „Ерусалим пост“.

Деталите за операцијата се нејасни, планот е таен. Во Укра, но сите релевантни владини министерства и официјални организации редовно се состануваат за креирање на потенцијалниот план за евакуација многу недели.

Како што заканите за руска инвазија на Украина стануваат поконкретни, членовите на еврејската заедница во Украина треба да одлучат дали се заинтересирани да заминат со помош на еврејските организации и израелската влада, наведува весникот.

Според високи израелски владини функционери, има приближно 200.000 жители на Украина кои имаат право да се преселат во Израел според Законот за враќање, доколку одлучат. Околу 50.000 од 200.000 се Евреи.

Министерката за интеграција Пнина Тамано-Шата рече дека му наложила на нејзиното министерство да се подготви за сценарио на илјадници имигранти во случај на руски напад.

На прашањето колку украински Евреи се проценува дека се заинтересирани за итна евакуација, Тамано-Шата вели дека тоа може да биде „десетици илјади или само илјадници“.

Премиерот Нафтали Бенет во неделата ги замоли Израелците да ја напуштат Украина.

„Дојдете дома“, рече тој на почетокот на состанокот на владата. „Не преземајте непотребен ризик. Не чекајте ја ситуацијата во која навистина сакате да се вратите и тоа веќе ќе биде невозможно. Покажете одговорност за сопствените животи; напуштете ја Украина што е можно побрзо и вратете се дома“.

Министерот за надворешни работи Јаир Лапид рече дека според разузнавачките проценки што ги видел Израел, главно од Американците, „има краток временски период. Им кажуваме на Израелците да се вратат пред работите да се комплицираат“.

Министерството за надворешни работи во саботата вечерта издаде предупредување за патување и ги повика Израелците веднаш да се вратат од Украина. Во моментов има околу 10.000 до 15.000 Израелци во Украина. Меѓу нив, 6.450 се регистрирани во израелската амбасада во Киев за да добијат ажурирања, а амбасадата се обидува да стигне до другите. Во Украина студираат околу 2.000 Израелци, од кои повеќето се Арапи, наведува „Ерусалим пост“.