Се уште не веруваме дека го нема: Пријателите и соиграчи се простија од Буштур


Тага, неверување, солзи и евоцирање на спомени ја обележаа денешната заедничка комеморација на Кошаркарската Федерација на Македонија, на Националниот Олимписки Комитет и Градот Скопје во чест на македонската легенда на кошарката Благоја Георгиевски-Буштур кој завчеравечер трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа во скоспката населба Кисела вода.

Салата во хотелот „Double Tree by Hilton“ во Скопје беше претесна да ги прими неговите пријатели,  соиграчи, и почитувачи на неговиот кошаркарски и животен опус, меѓу нив Богдан Тањевиќ, едно од најголемите имиња на просторот на поранешна СФР Југославија, кои упатија најискрено сочувство на членовите на семејството на спортската легенда.

Еден од најблиските пријатели на Буштур, актерот Ѓокица Лукаревски со многу емоции денеска зборуваше на комеморацијата во чест на легендата на Работнички.

Лукаревски се присети на каков талент имал Буштур од детството за сите нивни дружби, потенцирајќи дека луѓето во кошарката не знаеле да го искористат огромниот потенцијал на легендарниот кошаркар.

„ Секој ден трчавме во парк, па цел ден му враќав топки за да го допрецизира шутот. Луѓето од кошарката не знаеја да го искористат сиот негов потенцијал, неговиот талент. Но, тој го надмина сето тоа, прифати само да биде дел од Управни одбори. После самиот се повлече, сметајќи дека е отфрлен. После тоа се посвети на риболовот, па неретко ми се јавуваше среде ноќ да ми каже колкави парчиња фатил. Ќе остане дел од мене засекогаш, а ние до крај ќе останеме горди на него“, рече Лукаревски.

Претседателот на Македонскиот Олимписки Комитет (МОК), Васил Тупурковски посочи дека загубата на Буштур е огромна.

„Голема загуба, шокантна, неприфатлива вест, со која не знаеме да се носиме. И таа празнина нема да може со ништо да се пополни, не зборувам само како кошаркарка легенда, не зборувам како претседател на МОК, не зборувам ниту за големите дела и спортските работи кои сме ги работеле, туку зборувам за она што интимно го чувствувам – пријателството. Тоа не се мери со ништо. Беше неверојатен пријател, комуникативен, духовит, човек кој секогаш сака да те насмее, да те расположи… Едноставно – голем човек. Во право беше Тањевиќ, горе има подобра екипа од тука“, рече Тупурковски.

Меѓу оние кои зборуваа за македонската спортска легенда беше и поранешниот репрезентативец а сега директор во КФСМ -Тодор Гечевски.

„Тешко е да се зборува во вакви моменти. Наместо заедно да ги славиме неговите успеси, сега ќе мораме да го збориме тоа без него. Буштур беше добар човек на добар глас. Ми дојде сликата на нашето запознавање, во Кавадарци кога ме повика да играм за кадетите…спиев во негов дом… Колеги во кошарката и риболовот… Жал ми е што не отидовме по риба заедно… Се надевам дека сега таму горе дава кошеви и фаќа големи риби“, рече Гечевски на комеморацијата на легендарниот кошаркар.

Погребот на Буштур е утре напладне, на Градските гробишта во Бутел.

Буштур важи за една од најголемите легенди во македонската кошарка, а речиси целата своја кариера ја помина во редовите на Работнички клуб со кој играше во Првата југословенска лига.

Беше член и на младинската селекција на Југославија која предводена од Лазар Лечиќ ја освои Балканијадата во Ријека, а пак на младинското Европско првенство заедно со своите соиграчи стигна до четвртото место.

Учествуваше на две ЛОИ во Минхен 1972 и Монтреал 1976, кога како член на југословенската репрзентација го освои сребрениот медал. Настапи за репрезентацијата на СФРЈ повеќе од 190 пати.

По завршувањето на спортската кариера, како великан и заслужен спортист, беше член на голем број спортски асоцијации и тренер.