Сè уште е опасно – пожарите локализирани, но и натаму активни
Пожарите кои вчера избувнаа на повеќе локации низ земјава, во текот на ноќта се локализирани, но и натаму се активни и не е отстранета опасноста од нивно разгорување и проширување. На терен се противпожарни екипи со возила и механизација, припадници на Армијата, на Дирекцијата за заштита и спасување, и граѓани кои помагаат.
Пожарот во Кочани што синоќа се закануваше да зафати и делови од градот се уште е активен. Од Територијалната противпожарна едница-Кочани за МИА информираа дека е голема веројатноста оти ќе се поврзе со опожарените места кај селата Бања и Тркање, каде што имаше пожар пред неколку дена.
Утрово се прави обиколка на терен пред да се ангажираат хеликоптерите за гаснење на пожарот.
Пожарот во Ранковце е локализиран и ставен под контрола, објави на Фејсбук министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Активен е пожарот кај Старо Нагоричане и мобилизирани се екипи за негово гасење.
За денеска е закажана седница на групата за процена на која ќе биде разгледана сериозноста на ситуацијата со пожарите и, како што најави директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, доколку е потребно ќе биде предложено да се прогласи кризна состојба на дел од територијата или на целата територија на државата.
Претседателот Стево Пендаровски на предлог на Генералштабот на Армијата, а по анализа на состојбите, нареди да се прогласи тревога на целокупниот состав на Армијата за справување со елементарни непогоди.
Оваа одлука, како што соопшти Пендаровски, е донесена со цел да може во координирана акција со сите институции целокупниот состав на Армијата да се стави на располагање за справување со пожарите на територијата на државата.
Премиерот Зоран Заев кој синоќа го посети Кочани, изјави дека со здружени сили се прави се да се надмине состојбата предизвикана од пожарите. Тој нагласи дека Владата ќе изнајде начини за да ја надомести материјалната штета, без разлика дали станува збор за опожарени покриви, куќи или за уништена стока.
– Важно е да знаат сите дека солидарноста во државата функционира. Целиот систем е ставен преку ЦУК, Дирекцијата за заштита и спасување со ППЕ и општинските штабови функционираат имајќи предвид дека само денеска се лоцирани 13 пожари коишто беснеат на територијата на целата држава. Беснеат и во соседството. Важно е да ги споделиме сите ресурси и важно е што сме сите активирани, истакна премиерот синоќа во Тркање, Кочанско каде беше придружуван од министерот за здравство Венко Филипче, градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Премиерот изрази благодарност и до војската и до полицијата, кои, како што напомена не се обучени за гаснење на пожар, но сепак се мошне важни во менаџирањето на граѓаните, кои се во паника од ваквите ситуации, како и во евакуација на цивилното население.
Заев информира дека претседателот Стево Пендаровски разговарал со бугарскиот претседетел Румен Радев за помош, а тој самиот стапил во контакт со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој потврдил дека за денеска ќе ни отстапат неколку хеликоптери. Разговарал и со техничкиот бугарски премиер Стефан Јанев во насока на правовремено дејствување со сите расположливи ресурси.
– Тоа значи дека наутро треба да дејствуваме и да превенираме се што може да биде жариште, кое што прво ќе загрози луѓе, потоа куќите, а понатаму секако и шумите коишто горат во државата, рече синоќа Заев и додаде дека во моменот се загрозени и подрачјата на Македонски Брод, Делчево и Пехчево…
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека во пожарите нема повредени лица, во смисла на изгореници или тешки повреди, но, има околу десетина лица кои се јавиле во кочанската болница паради тоа што вдишале чад.
– Четворица пациенти се пуштени дома, а петмина се задржани во болница и примаат кислородна терапија. За неколку часа ќе бидат испратени на домашно лекување. Ние го мобилизиравме целокупниот здравствен систем во сите здравствени домови и болници во околината. Со оглед на тоа што е време на летни одмори, телефонски ги контактиравме и докторите и медицинските сестри и сите се на „стенд бај“ и во Кочани и во здравствениот дом во Штип. Се надевам дека нема да има потреба за интервенција, рече Филипче.
Владата, пак, соопшти дека од денеска стапува во сила целосна забрана за движење во шумските предели. Владата апелира до сите граѓани да не се движат низ шумските подрачја во земјата, заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите.