„Сè уште без наслов“ или еден ден со Дон Жуан, лично


И по речиси две недели од единаесетчасовната претстава „Сè уште без наслов“ на Словенско младинско гледалиште, во режија на Томи Јанежиќ, ќе се објави фотографија за неа, ќе се спомне во муабет, во преписка; некој што не ја гледал ќе праша за неа, дури се направи и meme… Зошто сè уште имаме потреба да зборуваме за оваа претстава и што претставува едно вакво театарско случување за нас овде, а можеби и за регионов?
Најпрвин, предизвик е да се опише она што ни беше прикажано. Во сосема кратки црти, без никакви претензии да ја опфатам содржината на „нештото“, изведбата се случи на 14 септември, 2019 година, во Младинскиот културен центар во Скопје, во рамките на МОТ. Ова е прво гостување на „Сè уште без наслов“ надвор од Словенија. Структурата на изведбата броеше девет дела: пет од нив беа одиграни во поголем простор (времетраењето варираше од 45 мин. до речиси 120 мин. по парче), а другите четири се одиграа во камерен формат (во времетраење од околу 30 мин. по парче), шеговито претставени како „пауза во пауза“ од целодневното случување. Би рекол дека гледавме претстава-во-претстава, зашто она што се случуваше во едната сала може да функционира независно од она во другата сала. Јанежиќ и екипата тргнале да работат претстава за Дон Жуан, но процесот ги однел во насоката на приватното и личното: „Дон Жуан“ од приватните животи на ансамблот и како тој им го зафркнал животот.


Како се работело/постигнало ова нешто? „Во блокови“, како што рече самиот Јанежиќ, во текот на цела една година, дури и подолго, со паузи – време кое за македонски театарски услови, па и за кои било други, е луксуз.
Она што лично мене, како режисер, ме фасцинира е истрајноста на публиката во додржувањето до крај. Само неколкумина си заминаа, исто толку и се појавија на некоја од паузите, така што бројот на публика, во најголема мера, остана ист до самиот крај. Сепак, како гледач, се прашувам зошто во четвртиот дел од претставата имав чувство дека ќе полудам и дека сакам да си одам, но во истиот момент сфаќам дека сакам да останам до крај и ако ништо друго, во моменти во кои не можам да ги следам актерите – да ја следам публиката! Зашто сите сме дел од претставата, сите учествуваме во неа и сите сме изложени заедно со актерите. Бевме пречекани од актерите, допрени, прегрнати, послужени со колачиња, млеко со мед… Ни беше удобно таму.
Дека претставите на Томи Јанежиќ се неспоредливи со други претстави, освен со неговите сопствени претстави, утврдивме уште истата вечер со колегите. Ја гледате „Сè уште без наслов“ и единственото нешто со кое можете да ја споредите е осумчасовната „Галеб“ или нешто друго ако сте гледале од него (се надевам можеби и пократко).
Имам прашања, забелешки, коментари за она што го видов. Имам и пофалби за фантастични сценски решенија, но пред сè, за актерската екипа и леснотијата во нивниот актерски израз. Ништо не беше направено од петни жили, сè беше мазно, меко и многу непосредно. Таквата актерска игра ме фасцинира, а овде сè некако ми се чини дека ја третираме како феномен и како нешто кое тешко се постигнува – напрегањето ни е вкоренето во сè.

Оперскиот дует од првиот дел на претставата; сцената со ангелите што трчаат; сцената со бонбоните „рафаело“; монологот за тоа каков треба да биде идеалниот љубовник (во случајот на актерката, нејзиниот идеален маж); приказната за типот што паднал во дупка; кршењето на масата со бејзбол палка; крајот со чудото – сето ова се сцени кои би можел да ги раскажам, но во некоја друга прилика. Сега само ги издвојувам како моменти кои мора да ги видите за да изрезонираат со вас. Секако, на крај го оставам едниот и единствен – Стане, човек-претстава. Раскажувајќи ни за својата мака и за тоа како му било кажано дека не може да биде Дон Жуан, Стане стана Дон Жуан на вечерта и нè заведе сите!


Моите забелешки се сепак само мои, па ќе кажам дека на многу моменти ми недостигаше динамика; ми недостигаа емотивни удари кои не дека ги немаше, напротив, публиката сочувствуваше, плачеше, се смееше за време на претставата, но мене ми недостигаа оние класични, драмско-театарски турбуленции. (Сега сфаќам дека ќе полудев за време на четвртиот дел од претставата кога Јанежиќ кажа дека во оваа претстава нема да има катарза.) На крајот, сепак, за оваа приказна да заврши среќно – се исплакав на „чудото“, чудото да се истрае и да се остане до крај, заедно, меѓу луѓето (покрај другите мои пронаоѓања во претставата).
По две недели „одмор“ од тие единаесет часа, со една колешка-актерка се прашавме дали можеби сето тоа можело да трае и пократко!? Јас се прашувам и која е воопшто потребата да трае толку долго? Колешка ми пак праша дали целата фама околу претставата е нејзиното времетраење? Ова е негова втора претстава на гостување во Скопје од епски размери и без разлика на сите дилеми кои ги имаме како публика, мора да признаеме дека е едно големо, театарско ИСКУСТВО, пред сè, а потоа претстава. Пакувате храна и вода во ранец, како за на екскурзија и издвојувате цел еден ден за во театар!
Ми се поставува и прашањето за моќта на (пре)раскажувањето приказни и она исконско сплотување на цела една заедница во едно уво; за задржувањето на вниманието на таа заедница толку долго време и на поврзувањето меѓу раскажувачот/изведувачот и слушателот/гледачот преку заедничката присутност таму и тогаш. Ми се поставува прашањето и за заедништвото овде и сега. Што правиме овде и сега? Каков ни е театарот овде и сега? Отуѓен, индивидуален (а навидум работен во колектив), стерилен… Токму затоа за нашите претстави не зборуваме две недели откако ќе завршат. Зборуваме за „Сè уште без наслов“, зашто нејзината моќ нè држеше заедно и сплотено.
„Сè уште без наслов“ е театарско искуство кое буквално дише од изведба до изведба и кое не се врзува за себе самото, туку за публиката што секогаш се менува. Се менуваат и приказните и она што се случува внатре, се ротираат актерите и кој во кое парче каква задача ќе има… Забораваме дека претставата живее онолку колку што, всушност, е жива, а не забетонирана во својата извесност. Подготвен ли е македонскиот театар на ваков концепт на менување, едноставно, подготвен ли е да се промени? Не сум сигурен дали ваков формат би функционирал кај нас, ниту како процес, ниту како продукт. Кој би го работел и кој би го гледал? Не знам, но знам дека активно го размислувам и промислувам она во кое учествував, на групата луѓе со кои бевме заедно цел еден ден, во вистинска смисла на зборот, во време на сурова отуѓеност. На крајот на краиштата, Дон Жуан е само еден осамен љубовџија кој напушта за да не биде напуштен, одново и одново.

Милош Б. Андоновски, режисер
Фото: Соња Ставрова