Се урна четирикатница во Белгија, под урнатините има затрупани луѓе

Голема експлозија се случила во Турнхаут, Белгија утрово околу 8:15 часот, по што делумно се урнала четирикатница.
Причината за експлозијата се уште не е позната, а се сомнева дека виновна е неисправна инсталација за гас.
Едно лице е спасено од урнатините, а уште осум се водат како исчезнати, пишува The Brussels Times. Едно лице е затрупано во урнатините и комуницира со спасувачите кои бараат начин да го извлечат.
Во урнатиот дел од зградата живееле десет жители, но според информациите со кои располага итната помош, можно е да има повеќе луѓе кои ги посетиле станарите.
Министерката за внатрешни работи Анелис Верлинден на Твитер им изрази сочувство на семејствата.
„Дури и последните денови од 2021 година ја покажаа својата најнепредвидлива и најпогубна страна. Моето сочувство до сите погодени. Многу храброст до сите служби за итни случаи“, напиша таа.
Итните служби ги замолуваат сите граѓани да не се приближуваат до местото на експлозијата. Оштетени се и околните згради и постои опасност од дополнително уривање.