Се уредува зелена површина во Аеродром

Денеска започнува уредувањето  на  последната од вкупно четирите локации кои се дел од иницијативата на Центарот за иновации Скопје Лаб, со чија помош Градот Скопје директно ги вклучува граѓаните во редизајнирањето на постојните зелени површини согласно со нивните потреби за одмор, релаксација, дружење и сл.

– Станува збор за  редизајн на постојна зелена површина од околу 1.000 метри квадратни на крстосницата помеѓу булеварот „Јане Сандански“ и улицата „Владимир Комаров“ во Општина Аеродром.  Вредноста на проектот изнесува околу 3,7, милиони денари и очекувам во наредните  30 дена целосно да биде редизајниран овој јавен простор, на начин на кој го правевме на неколку различни локации во нашиот град – изјави Шилегов.

Тој додаде дека во процесот беа вклучени различни возрасни групи на граѓани преку користење на квалитативни и квантитативни методи,  односно  анкетирани се граѓаните за утврдување на нивните навики и  потреби и всушност дизајнот на овој јавен простор е направен според тие нивни барања. 

–  На почеток сме на есенската сезона на садење, така што во претстојниот период преку ЈП „Паркови и зеленило“ со нови садници ќе бидат збогатени повеќе зелени површини во градот во повеќе скопски општини – рече Шилегов.

 

Градот Скопје посветено работи на обезбедување на функционална животна средина за граѓаните во Скопје,  која ќе подразбира квалитетна инфраструктура со доволно зеленило, со цел граѓаните да можат со уживање да ги спроведуваат своите редовни секојдневни активности.