Се уредува влезот во Кавадарци од кај Неготино


Увид на реконструкцијата и рехабилитацијата на влезот во Кавадарци од кај Неготино денеска извршија министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Министерот рече дека рехабилитацијата е исклучително значајна за Кавадарци, бидејќи овде има голема фреквенција на луѓе и возила. Тој нагласи дека ова е пример на успешен проект за соработка на централната и локалната власт.

– Вака ќе продолжиме и во иднина со цел да направиме подобри и поквалитетни услови за живот на сите. Министерството за транспорт и врски продолжува исто така со успешниот проект за локални улици и патишта, каде има сериозен број на активности, по предлог на општините, додаде Бочварски.

Во рамки на проектот за санација на локални улици преку Министерството, на Кавадарци се доделени 1,1 милион евра. Во првиот тендер што е во фаза на евалуација, во Кавадарци ќе се работат три улици и тоа реконструкција на „Илинденска”, „Пионерска” и „Браќа Џунови” со вкупна вредност од 374 илјади евра.

Во вториот тендер Кавадарци е влезен со две улици и тоа реконструкција на улица „Дисанска” и Западен Булевар со вкупна вредност од 220 илјади евра.

– Тоа значи дека на Кавадарци им останува уште 500 илјади евра кои им стојат на располагање за санација на локални улици, рече Бочварски.

Оваа инвестиција на Јавното претпријатие за државни патишта што беше посетена денеска е над 18 милиони денари, а вложи и општината Кавадарци.

Китанов потсети дека лани Јавното претпријатие во соработка со општината го рехабилитираше патниот правец од Росоман кон Кавадарци. Сега, рече, има една нова, убава и безбедна сообраќајница.

– На задоволство на жителите од Тиквешијата и Пелагонија, на 3 ноември е отворањето на меѓународниот тендер за продолжување на експресниот пат од Фариш кон Дреново, значи таа болна рана ќе се откочи и ќе почне да се работи. Крајот на ноември завршува тендерот за три ленти од Фариш до Прилеп, комплетна рехабилитација, така што овој дел околу Кавадарци ќе биде големо градилиште, додаде Китанов, посакувајќи и нови проекти за овој крај, споменувајќи ја желбата на градоначалникот и кавадарчани за обиколница, сериозен проект, како и желбата исто така за три ленти меѓу Кавадарци и Неготино.

Градоначалникот Јанчев рече дека после 12 години зборење, Кавадарци успеа за две години да ги уреди сите влезови, кои претходно беа во катастрофална состојба.

– Благодарение на успешната соработка на општината со Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт и врски, се обнови и прошири влезот откај Росоман, се доби булеварско решение и зголемена безбедност. За овој проект сега повторно имаме максимална поддршка од Министерството и Јавното претпријатие за државни патишта, додаде Јанчев.

Тој нагласи дека Кавадарци е една од најразвиените општини. За овој проект, преку јавното претпријатие „Комуналец” биле инвестирани околу осум милиони денари. Општината пак инвестирала 31 милион денари. Тој исто така се осврна на желбата за обиколница со која кавадарчани би добиле помирен побезбеден живот и поздрава животна средина. Нагласи дека оваа соработка на централната и локалната власт, треба да биде пример за другите општини, за тоа како се работи во интерес на граѓаните. свд/рп/