Се тресеше Европа од серија земјотреси


 

Утрово се затресе ширум Европа, па и на некои места каде можноста за земјотрес е многу мала.

Земјотрес во Словенија, близу границата со Хрватска се случи утринава, а жителите на северозападна Хрватска се разбудија од потресот. Но, тој не е единствениот што се случи утрово.

Напротив, беше еден од послабите, пренесе РТЛ.

Жителите на градот Прунтрут во швајцарските Алпи, недалеку од границата со Франција, ги разбуди земјотрес со јачина од 4,1 степен по Рихтеровата скала, соопшти швајцарската служба за земјотреси.

Исто така, погодени беа и Крит и Исланд. Имено земјотрес со јачина од 4,1 степен го погоди Крит, на помалку од 30 км од градот Ираклион, 19 минути пред пладне.

Се затресе и на полуостровот Рекјанес на Исланд, до ниво од повеќе од 4 степени по Рихтер.

Исландските медиуми пренесуваат дека наодите што научниците ги прочитале од сателитските набљудувања покажуваат дека реката лава под површината на Земјата продолжува да се движи, покрај фактот што пред неколку дена беше прогласен крај на повеќемесечната ерупција на вулканот на југозападот на Исланд.