„Се топи“ главниот град на Аризона: 43 степени 31 ден по ред


Во главниот град на американската сојузна држава Аризона, Феникс, 31 ден по ред температурата се движи околу 43,3 степени.

Во Феникс се очекува невреме кое би можело малку да ја намали температурата, но тоа ќе биде за кратко бидејќи се прогнозира дека веќе во среда температурата ќе се искачи до 46 степени. Рекордно високите температури започнаа во јуни во југозападниот дел на САД и се проширија низ Тексас, Ново Мексико и Аризона до пустината Мохаве во Калифорнија, каде што моментално беснеат шумски пожари, објави Гласот на Америка.

На југот на таа земја пожарникарите се борат со уште еден оган кој предизвика евакуација на населението. Пожарот избувна и во оддалечена област на кањонот Кератерс, а пламените јазици во некои делови достигнаа висина и до шест метри. Се проценува дека изгореле околу 284 квадратни километри на границата со Невада.

Пожарот во моментов не ги загрозува зградите, но пожарникарите сѐ уште не го ставиле пожарот под контрола. Во округот Риверсајд, Калифорнија, евакуирана е локација поради пожар кој зафатил 8,8 квадратни километри територија. Во Бурбенк, во близина на Лос Анџелес, каде што исто така температурите се многу високи, во базенот на една куќа е пронајдена мечка.

Десетици луѓе загинаа во топлотниот бран низ САД, а најзагрозени се сиромашните кои немаат пристап до климатизирани соби.

„Штом ќе започне топлотниот бран, првите жртви се случуваат во рок од 24 часа“, вели Кристи Еби од Универзитетот во Вашингтон.

Научниците предвидуваат дека овој јули ќе биде најтоплиот месец досега. Светската метеоролошка организација и Службата за климатски промени на ЕУ го прогласија јули за најтопол досега.