Се тешиме и бодриме еден со друг: Интервју со поп-ѕвездата Тамара Тодевска


 

Лејла Сабит

Ќе има време и за нови песни, и за нови дружби, и за нови концерти. Здравјето во овој момент е најважно. Што се однесува до комуникација со публиката, живееме во дигитален свет, а тој ни овозможува полесна комуникација со сите. Јас сум во константна комуникација со моите фанови преку друштвените мрежи, вели за „Независен“ поп-ѕвездата Тамара Тодевска која денес наполни 35 години и за роденденот ги почести фановите со англиската верзија на новата песна „Слобода“.

Со кого ја помина самоизолацијата во Гевгелија, со кого го работи третиот албум, зошто има чувство дека сите станавме едно, кои настапи мораше да ги откаже заради корона вирусот, во продолжение на интервјуто.

Се навикнавте ли на новата ситуација?

Како и сите, така и јас се привикнувам на новата нормалност. Во принцип сум човек што сака дружби. Ми фалат седенките со пријателите и настапите но сите мора да ја прифатиме оваа реалност. Да бидеме претпазливи, да ги почитуваме правилата, да носиме маска. Само тоа се бара од нас.

Каде ја поминавте самоизолацијата?

Најголемиот дел од самоизолацијата ја поминав во Гевгелија со мојот сопруг и моите две деца. Готвевме, смислувавме игри, се дружевме. Нема поубаво од тоа да си опркужен со луѓето кои те прават тоа што си. Навистина ми фалеше да поминам повеќе време со нив. Периодот пред кризата со корона вирусот ми беше исполнет со настапи, снимање на мојот нов албум и најразлични ангажмани така да периодов супер ми дојде. Овој период го искористив и да направам финална селекција на песните на мојот трет албум, кој го работам со мојата евровизиска екипа.

Колку пандемијата ве зближи како семејство, и дома, и со колегите од естрадата?

Имам чувство дека сите станавме едно. Сите поминуваме низ истите работи и чувства. Сите имаме период кога сме супер позитивни, но и период кога навистина не знаеме што ќе се случи со нас, со нашите планови, со нашата професија. Се тешиме и бодриме еден со друг. Ќе помине и ова. Верувам дека сите ќе излеземе од оваа криза посилни и похрабри.

Актуелни сте со песните „Светот е“ во дует со Роберт Билбилов и „Слобода“. Дали корона вирусот влијае на вас како уметник или секогаш ја гледате посветлата страна на животот?

Кризата со вирусот ми овозможи и малку подетално да работам на мојот трет албум. Направивме со мојот тим финална селекција на песни и во следниот период треба да ги доснимиме. Ќе има микс на македонски, англиски и српски песни и едвај чекам да го споделам сработеното со моите фанови. Дуетот со Роберт го снимавме пред неколку месеци и пресреќна сум со реакциите. Во етер излезе и мојата нова песна „Слобода“ а денес, на мојот роденден, ќе излезе и англиската верзија на песната.

Како го доживеавте коронавирусот? Ве исплаши, ве натера да се преиспитате или…?

На почетокот бев исплашена како и сите. Сепак, не сме навикнати ниту сме имале искуство со вакво нешто. Но животот продолжува. Се адаптираме, учиме, се пазиме. Од сите нас зависи како ќе се справиме со оваа криза. Сепак верувам дека секој предизвик носи со себе научени лекции.

 

На кои животни лекции ве научи пандемијата?

Најважно е да бидеш опкружен со вистинските луѓе. Луѓе кои ќе те прават подобра личност. Луѓе пред кои можеш да бидеш тоа што навистина си и луѓе што ќе те поддржуваат без разлика на околностите. Среќна сум што имам прекрасни луѓе околу себе. Среќна сум што имам прекрасно семејство и пријатели кои ме прават подобра личност и со кои можам да ги пребродам сите животни препреки.

Кои се вашите херои на новото време?

Здравствените работници се најголемите херои. Сите доктори, медицински лица и вработени во здравствените установи кои макотрпно работат и се соочуваат со најголемите здравствени предизвици на денешницата. Токму поради нив треба и најмногу да ги почитуваме правилата. Горда сум со сите наши здравствени работници и им благодарам за пожртвуваноста и посветеноста.

Ова е време на виртуелна култура, концерти и претстави. Каде ја гледате иднината на музиката и како понатаму ќе се комуницира со публиката?

Како и сите други, така и ние ќе се адаптираме. Се надевам дека во блиска иднина ќе имаме можност повторно да настапуваме но сега за сега најважно е да ги почитуваме правилата и протоколите. Ќе има време и за нови песни, и за нови дружби и за нови концерти. Здравјето во овој момент е најважно. Што се однесува до комуникација со публиката, живееме во дигитален свет, а тој ни овозможува полесна комуникација со сите. Јас сум во константна комуникација со моите фанови преку друштвените мрежи.

Алтернативниот Евросонг во Ротердам ни ги врати надежите дека не е сѐ изгубено. Кој настап ви остави впечаток и на што ќе се сеќавате од Евросонг, освен најдобриот пласман на Македонија?

Евровизија беше најубавото професионално искуство во мојот живот. Покажавме дека со тимска работа апсолутно се е возможно. Пред некој ден го гледав повторно видеото кога ги добивавме сите 12-ки и не можам да го опишам тоа чувство со зборови. Тоа беше момент кој никогаш нема да го заборавам. Бескрајно сум благодарна за ова искуство. Ми отвори многу врати и навистина ми го промени животот.

Кои ангажмани моравте да ги откажете?

Кризата со вирусот ги промени плановите на сите. Јас, за жал, морав да ги откажам моите настапи во Лондон, Амстердам, Мадрид и Копенхаген. Требаше да снимам и два спота и веќе да биде готов мојот трет албум но тоа е тоа. Ќе биде сѐ. Само да бидеме трпеливи и претпазливи.

Кои се вашите планови околу кариерата?

Пред неколку дена ја промовирав мојата нова песна „Слобода“, која има српска и англиска верзија. Англиската верзија насловена како RISE ја промовирав денес. За две недели ќе излезе и спотот за песната. Полека го привршувам и мојот трет албум кој треба да излезе пред крајот на летото. Се адаптирам на новите времиња, учам да бидам потрпелива и знам дека на крајот се ќе биде ок.