Се стега обрачот – околу Јанева, но и околу „белата палата“


„Белиот дворец“ на ВМРО-ДПМНЕ влегува во судница. Одлуката за овој предмет на Специјалното јавно  обвинителство ја донесе вчера Кривичниот суд во Скопје, на јавна седница што се одржа за време на судската ферија и во екот на обновените преговори за новиот закон за јавно обвинителство.

По долги одолговлекувања, судот го прифатил обвинителниот акт за „Талир 2“ – еден од клучните случаи на СЈО за кои обвинение беше подигнато по критичниот датум – 30 јуни 2017 година. Откако ќе биде оформен предмет врз основа на оценетиот обвинителен акт, ќе биде закажано судење, односно главна расправа за случајот кој се однесува на незаконска изградба на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Според СЈО, Груевски и Божиновски, со злоупотреба на службената положба, овозможиле ДГ „Бетон“ АД Скопје да го изгради седиштето на сега опозициската партија, иако правното лице во тоа време имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на законите за политички партии, за финансирање на политички партии и за облигациски односи. Пред судот веќе се води постапка и за првиот дел од предметот „Талир“, за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, во периодот на владеењето, што е причината поради која беше замрзнат целиот недвижен имот на партијата.

Пред неколку дена, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „Република“, коментирајќи го новиот владин предлог-закон за јавното обвинителство посебно посочи на случајот „Талир“ како „исклучиво политички конструиран“ и насочен против неговата партија.

-Зоран Заев сака насила да протурка решение кои би било ново СЈО затоа што тоа исто обвинителство би го воделе компромитирани кадри, па дури истите од постојното СЈО, а со задача да му помогне на Заев да остане на власт. Исто како што му помогна да дојде. И што би се случило хипотетички, би се продолжил случајот „Талир“ кој е против ВМРО-ДПМНЕ и кој е исклучиво политички конструиран, а зад тоа би се амнестирале вистинските криминали на власта – изјави Мицкоски.

Во текот на досегашните преговори меѓу работните групи на власта и опозицијата за статусот на СЈО, ВМРО-ДПМНЕ бараше поништување на сите предмети што беа отворени или за нив беа подигнати обвиненија по 30 јуни 2017 година, меѓу кои, покрај „Талир“, е и „Империја“, од кој неодамна, практично, произлезе и „политичко-обвинителската“ афера „Рекет“.

По информациите дека вештачењето покажало дека специјалната јавна обвинителка Катица Јанева го преформатирала вториот телефон што беше „изгубен“, па пронајден, од ВМРО-ДПМНЕ излегоа вчера со став дека сите индиции покажуваат дека, покрај Јанева, веројатно речиси целото обвинителство што таа го раководи знаело за „рекетарските активности што сега на секаков начин се обидуваат да ги избришат“.

-Што уште треба да се случи за Русковска да влезе во СЈО и да изврши претрес? Што знае Јанева за Заев и неговите крими соработници, па Јавното обвинителство не смее да ја осомничи и да ја приведе специјалната обвинителка? Колку се загазени во криминал и рекет Зоран Заев, втората дама на невладината, Ременски и другите функционери на СДСМ што се фотографираа и го поддржуваа Боки 13 – праша вчера портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Тој вели дека е провиден обидот со, како што оценува, тенденциозно водење на предметот да се заштитат лицата кои се дел од власта.

-Доволно е само да се испита невладината организација на Боки 13 и да се влезе во СЈО и целата рекетарска мрежа ќе биде разоткриена. Само така ќе се дознае за сите ликови од рекетарските приказни во јавноста, и за Кики, Фрики и Шеки и Раки и многу други. Но, стравот на Русковска – обвинителството е веќе кристално јасен, дека ако професионално истражува, постои можност да утврди дека сите рекетарски патишта на крајот може да доведат до највисоко, односно до премиерот – нагласи Стоилковски.

Премиерот, пак, вчера одговарајќи на новинарско прашање за средбата што  лани во јули ја имал во владата со осомничениот во „Рекет“, Бојан Јовановски, како претставник на Меѓународниот сојуз, на која се разговарало за поддршка на план на оваа НВО за помош на ранлива категорија граѓани, рече дека вратата на Владата е отворена за сите кои имаат добри идеи.

– Секако дека се сеќавам. Состанокот беше за отворање простор за реализација на старечки домови во државата, тоа е составен дел и на програмата и секако, како и сите граѓани, така и Бојан Јовановски беше упатен на постапките согласно со законот. Тоа значи да  се обезбедат локации во општините, регионите каде што тоа е возможно, да се аплицира со проекти, да се добијат одобренија за градби. Министерството за труд и социјална политика го дава одобрението за старечки дом според стандардите што треба да се исполнат и на тој начин, како и за секој граѓанин, така и на оваа средба беа објаснети условите за старечки домови. Владата секојдневно прима луѓе. Не е првпат да излегле случаи кога тоа се злоупотребувало, но за тоа постојат истраги. Истрагите треба да ги утврдат сите докази, да ги кажат сите аргументи и секако секој што се огрешил по закон да си одговара согласно со законот – изјави Заев.

Градоначалникот  на Карпош Стефан Богоев, кој беше повикан да даде исказ за случајот „Рекет“, нагласи вчера дека тој и општината секогаш работеле согласно со законот.

– Би замолил за другите работи и факти да се почитува работата на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал каде што јас како градоначалник дадов изјава за да можам да ѝ  помогнам на истрагата со сето она што го знам. Овде се работи за конкретна работа што ја спомнавте и затоа сакам да ја расчистам дилемата, меѓутоа за другите детали ве молам на трпение што ќе каже Обвинителството. Сè што знам кажав таму за да помогнам во истрагата – изјави Богоев.

За разлика од лидерот на СДСМ и градоначалникот Богоев, кој е член на Извршниот одбор на партијата, функционерите  на владејачката партија за кои сега има  јавни посочувања за нивна можна поврзаност со случајот „Рекет“  досега се воздржуваат од коментар за аферата која предизвика силен потрес на политичката сцена во земјава и го наруши кредибилитетот на СЈО. Во најновиот напис на порталот „Плус инфо“ за  случајот „Рекет“ се споменуваат пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски.

– Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски, сепак, не е обична НВО. Таа веднаш стартува со „тешка артилерија“ како поддршка, вклучувајќи ја и потпретседателката на Сојузот, Фросина Ременски, која сега е и потпретседателка на парламентот – наведува „Плус инфо“.

За Кирацовски, пак, е забележано дека, додека беше генерален секретар на СДСМ, воспоставил контакт меѓу Боки 13 и градоначалничката на Битола Наташа Петровска, која  исто така беше повикана во Обвинителството да даде исказ како сведок во случајот „Рекет“.  (А.М.М.)