Се случи очекуваното: Демократски сојуз ја напушти Владата

Оддалечувањето на Демократскиот сојуз од СДСМ почна посериозно уште од времето на францускиот предлог кога Павле Трајанов не гласаше за него


Фото: Б. Грданоски

 

По подолго време подготвување, Демократскиот сојуза вечерва и официјално реши да ја напушти владината коалиција и да дејствува како опозиција. Уште кога во текот на денот ДС најави дека попладнето (кога почна расправата во Собранието за реконструкцијата на Владата) ќе одржи состанок на Централниот совет, изгледаше сосема сигурно дека партијата на Павле Трајанов ќе си замине од владините редови. ДС има еден пратеник во Собранието (Трајанов) кој беше на листата што ја предводеше СДСМ. ДС има и заменик-министер за локална самоуправа, Зоран Димитровски, но во соопштението на партијата не пишува дали тој деновиве ќе поднесе оставка на функцијата.

Оддалечувањето на Демократскиот сојуз од СДСМ почна посериозно уште од времето на францускиот предлог кога партијата на Павле Трајанов имаше повеќе разбирање за ставовите на опозицијата дека со тој ѝ се наштетува на Македонија отколку за образложението на Владата дека тоа е неопходен чекор напред да се оди кон европските интеграции.

ДС во вечерашново соопштение наведува дека излегуваат од Владата затоа што не биле имплементирани програмските приоритети на партијата усогласени со СДСМ пред изборите во 2020. „Се работи за коренити промени на изборните правила, преку укинување на системските предности за четири партии (две од власта и две од опозицијата), како и клучната промена Македонија да биде една изборна единица. Потоа, за борбата против корупцијата преку департизација на институциите кои работат на откривање на криминалот и донесување Закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, реформа во правосудниот систем преку ревизија на работата на судиите“.

Во соопштението се наведува и дека општинските организации на Демократскиот сојуз имале сериозни забелешки на соработката со СДСМ на локално ниво. Затоа, Централниот совет одлучил да не ја поддржи реконструкцијата на Владата и нема да биде дел од парламентарното мнозинство.

Партијата на Трајанов е против против најавите за „фронт за Европа“ и поделба на граѓаните и партиите кои се „за“ а кои се „против“ ЕУ. ДС вели дека и тие,  но и сите партии и граѓани, се за Македонија што побрзо да стане полноправна членка на ЕУ.