Сè што „Фолтин“ фатија, позлатија

Битолскиот музички состав „Фолтин“ во саботата во летниот клуб „Кабрио“ во Скопје го промовираа својот последен албум насловен „Момома“. Критиката за оваа музичка целина веќе се изјасни дека ова е најзрелиот албум на „Фолтин“. Тие пак велат дека е нешто ново за нив, оти е албум со песни и тука малку ја одбегнуваат експерименталноста која е препознатлива за нив.

Интересот е секогаш на високо ниво за она што го работи „Фолтин“, а преполниот клуб покажа дека е така и за нивните живи настапи. Саботната концертна промоција беше повторно во духот на пријателството и „Фолтин“ со соголени души целосно ѝ се предаваат на публиката. Таа пак знае да земе сè што ѝ нудат овие музичари и така се создава синергијата.


„Момома“ содржи шест постандардни песни од она на што досега сме навикнати и претставува ново музичко откритие за бендот.
Иако албумот е издаден пред еден месец, песните се веќе добро научени и проучени. Секоја од овие шест нумери е нечиј животен саундтрак периодов. Затоа секоја песна се дочекуваше со овации, што не е секогаш случај кога музичарите промовираат нов албум.
Покрај музиката што ја издаваат на носачи на звук, „Фолтин“ во изминативе години се редовно ангажирани и за правење филмска и театарска музика. Тука може да ги наброиме успешните соработки со наградуваните македонски филмови „Со љубов“, „Исцелител“ и „Медена земја“. Меѓу последните ангажмани им беше и создавањето на музичката подлога за театарската претстава „Арапска ноќ“, во режија на Зоја Бузалковска, поставена во Прилепскиот театар.
Се чини дека сè што ќе сработат „Фолтин“ добива успех, или што фатија, позлатија.

Публиката е навикната да ја слуша нивната музика која честопати е испреплетена и инспирирана од книжевноста, филмовите, од различни области на уметноста, но и од различни култури низ светот. Овој пат албумот „Момома“ се разликува и по тоа што инспирацијата доаѓа од внатре и од емотивната состојба, а секако влијание имаат и општествените промени во кои живееме.


Со двочасовното концертно парче во саботата, „Фолтин“ како порано да го означи и почетокот на летото. Луѓе од сите генерации ослободени од зимските алишта и проблеми, а во ритамот на срцата, во еден здив ги пееја сите песни.
Иако албумот влече една линија на љубовен џез и емотивна лирика, на концертот претставија и нови фуриозни аранжмани на дел од песните.
Покрај музиката од новиот албум, „фолтинци“ отсвирија дел и од своите постари хитови.
„Момома“ ги содржи: „Ми се води љубов“, „Месечина“, „Мачка во вреќа“, „Несоница“, „Чекор“ и „Ти верувам“.
Покрај вообичаените членови на „Фолтин“ (Бранислав Николов – глас, Пеце Трајковски-Брада – гитара и сајзер, Гоце Јованоски – бас, Славчо Јовев – тапани, Пеце Николовски – кларинет и усна хармоника), на албумот „Момома“ гостуваат и Петар Димитровски – клавијатури, Владан Дробицки – тромбон и Васко Бојаџиски – саксофон.
„Момома“ веќе го има во продажба во „Пола југотон“, но достапен е и на „Јутјуб“, „Саундклауд“, „Бендкамп“, како и на други дигитални платформи.
Бендот се подготвува и за турнеја надвор од домашните граници.

Ивана Настеска