Се санираат праисториски објекти во Музејот на вода кај Градиште
Конзерватори од Завод и музеј – Охрид работат на санација на реконструираните праисториски објекти од локалитетот Плоча – Миќов град во Заливот на Коските кај Градиште.
Националната установа Завод и музеј информира дека во наредните месеци ќе се извршува континуирана обнова на сите оштетени делови од куќичките и огништата, кои се презентирани во комплексот.
Планираните активности се реализираат под раководство на конзерваторот Ванчо Димоски, велат од установата.
На Заливот на коските претходно беше извршена и реконструкција на пристаништето, статичко зајакнување на пристапната патека кон наколната населба, а беа заменети и сите стари дотрајани греди од самата платформа. Активностите се во насока на обезбедување подобри услови за сите посетители и зголемена безбедност на локалитетот.
Музејот на вода кај Градиште е еден од најпосетуваните локалитети, во Охрид.