Се ревидира Методологијата за проценка на вредност на недвижниот имот, што ќе значи за данокот на имот
Министерката Димитриеска- Кочоска денеска изјави дека e отпочнат процес на ревидирање на постоечката Методологијата за проценка на вредност на недвижниот имот, во насока на попрецизна регулација за даночни цели.
Инаку, методологијата е основа врз што се одредува и основицата за пресметка на данокот на имот.
Министерката за финансии денеска се обрати на 9-тата Меѓународна конференција за Влијанието на геополитичките промени и вооружените конфликти врз процесот на проценување што во организација на Комората на проценувачи се одржува во Охрид.
Притоа, таа истакна дека балансот помеѓу фискалната консолидација, обезбедување економски раст и спроведување мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на економијата се клучни во услови на континуирана и продлабочена геополитичка неизвесност.
„Светот денес се наоѓа во период на континуирана и продлабочена геополитичка неизвесност, во кој меѓународните случувања сѐ посилно се прелеваат врз економските текови, трговијата и финансиските пазари. Во вакви услови, економиите функционираат во средина на постојани шокови. По пандемијата, енергетската криза, инфлацискиот бран и нарушувањата во глобалната трговија, денес се соочуваме со нов слој на геополитичка нестабилност кој ја отежнува предвидливоста на економските политики и бара постојана адаптација“, истакна министерката во обраќање на панел дискусија на тема “Обликување на иднината на проценувањето во услови на брзи промени”.
Министерката во своето обраќање нагласи дека главниот канал преку кој овие кризи се прелеваат врз светската економија се цените на енергенсите, кои во услови на неизвесност стануваат исклучително чувствителни на секое нарушување во снабдувањето.
Македонската економија, како мала и отворена, е директно изложена на предизвиците со кои се соочуваат и Европа и Светот, токму затоа е потребно внимание, затоа што секоја алка во синџиот е важна доколку сакаме да ги намалиме последиците, рече Димитриеска Кочоска.