Се реконструираат Центарот за култура и театарот во Гостивар


Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска за време на посетата во Гостивар информираше дека континуирано инвестираат во реконструкцијата на Центарот за култура „АСНОМ“, при што во 2022 година се инвестирани 10.193.000 денари за изведување на термоизолациска фасада на објектот, а како што посочи, продолжуваат и со целосна реконструкција на кровот на Националната установа Театар. 

Костадиновска-Стојчевска, која денеска е во посета на Гостивар заедно со заменик претседателот на Владата за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и заменик министерката за здравство Маја Манолева, оствари средби со повеќе културни работници од овој град.

-Како Министерство поддржуваме многубројни проекти од областа на култура и заедно со поддршката што ја даваме преку Националниот конкурс за финансирање на проекти односно преку годишната програма, вложуваме и во објектите кои се важни за развој на културната сцена.  Еден од тие објекти е токму Центарот за култура „АСНОМ“ каде што Министерството од 2018 година наваму активно вложува во подобрување на инфраструктурата и на внатрешноста за непречено функционирање на установата, рече министерката.

Таа информираше дека од 2018 година се вложени и средства за подобрување на архивските простории во Центарот за култура.

-Вложуваме и во подобрување на условите за Националната установа Театар во Гостивар и продолжуваме да вложуваме активно секоја година преку програмата на Министерството, за комплетна санација на кровната конструкција. Оној дел којшто беше најкритичен е саниран, така да продолжуваме понатаму со целосна реконструкција на кровот на оваа национална установа, додаде министерката. 

Прашана дали се размислува Театарот да има свој објект одвоен од Центарот за култура, Костадиновска-Стојчевска рече дека ова не е единствен случај каде што две установи функционираат заедно, но е позитивен пример за за поефективно и поефикасно работење.

-Мислам дека овој позитивен пример треба да го негуваме, но доколку некогаш во иднина се создадат услови за посебна зграда за Националната установа Театар Гостивар, секако дека ќе биде опција, додаде Костадиновска-Стојчевска.

На новинарско прашање за Националната установа Галерија Гостивар, министерката потврди дека е во фаза на формирање.

-Сега установата има само в.д. директор и Управен одбор. Тој Управен одбор треба да го заврши административниот дел на формирање, односно треба да направи статут и своја систематизација. Кога таа систематизација ќе ги помине сите филтри, последниот чекор ќе биде распишување на оглас за директор со мандат и понатаму веќе продолжуваме со се она што ќе и треба на таа установа. За оваа установа сме во потрага по нови простории. Размислуваме како да го решиме нивното просторно уредување, но сега административниот дел е она што треба да се заврши за установа да има и начин како за наредната година да аплицира на конкурсот за финансирање на проекти, додаде Костадиновска-Стојчевска.