Се реконструира улицата „Никола Парапунов“ во Карпош


Екипите на Град Скопје од денеска ја реконструираат улицата „Никола Парапунов“ во Карпош 4, на потегот од крстосница со булевар „Илинден“ до крстосницата со булеварот „Партизански одреди“. Во текот на градежните работи ќе се изврши комплетна реконструкција на коловозот по целата должина на улицата од околу 580 метри, реконструкција оштетените делови од тротоарите, како и замена на оштетените рабници и нивелација на постојните шахти и сливници.

–  Граѓаните се сведоци како градот секојдневно се менува во позитивна насока и нивните реакции на промените што ги правиме се само уште една потврда дека сме на прав пат и дека имаме визија која чекор по чекор станува реалност и секојдневие, рече денеска градоначалникот  на Град Скопје Петре Шилегов.

Тој посочи дека значајно е да се нагласи дека на таа улица ќе биде изграден и третиот конектор помеѓу главните велосипедски рути на булеварот „Илинден“ и булеварот „Партизански одреди“.

– Сакам да нагласам дека ова е втор од вкупно три конектори на овие рути кој го градиме само за две години после конекторот на „8. Септември“, истакна Шилегов.

Шилегов упати апел до граѓаните да ги почитуваат воведените привремени сообраќајни режими во повеќе делови во Скопје.

https://www.facebook.com/petreshilegov/posts/3378873379003903