Се реконструира улицата „Лазар Личеноски“


Екипите на Град Скопје денеска ја почнаа првата фаза од реконструкцијата на коловозот на улицата „Лазар Личеноски“ во централното градско подрачје. Увид во градежните работи на оваа делница денеска извршија градоначалникот Петре Шилегов и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

– По рекордно брзата реконструкција на улицата „Љубљанска“, еве не денеска на една од најоштетените улици во градот, на улицата „Лазар Личеноски“, каде што почнаа работните активности и нашите очекувања се дека истата ќе биде завршена во наредните 20 дена – рече Шилегов.

Реконструкцијата на коловозот ќе се изведува по должина на улицата, односно ќе се реконструираат вкупно 493 метри.

????????????????????????????????????

-Предвидено е комплетно стружење на коловозот и поставување нов асфалт со површина од 4.565 квадратни метри. Дополнително на оваа улица предвидено е и асфалтирање на тротоарите и поставување на нови бетонски рабници. Овие активности ќе придонесат и за оплеменување на просторот околу Скопското Кале. За реконструкцијата на оваа улица Град Скопје ќе потроши околу 10,6 милиони денари со пресметан ДДВ – изјави Шилегов.

Во текот на летото ќе продолжат реконструкциите на повеќе булевари и улици во надлежност на Град Скопје. Поради тоа, Шилегов уште еднаш ги замоли граѓаните, за разбирање додека траат градежните активности. Исто така, тој упати апел до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената патна сигнализација и на дневна основа да ги следат информациите за привремен сообраќаен режим што ги објавува Град Скопје.