Се реконструира улицата „Димитрија Чуповски“ во центарот на Скопје

Во следните 20 дена,  ќе се реконструира улицата „Димитрија Чуповски“ на должина од 240 метри, на потегот од крстосницата кај „Палома бјанка“ до крстосницата со булеварот „Свети Климент Охридски“.
Почетокот на градежните работи на оваа сообраќајница денеска го означи градоначалникот Петре Шилегов.
– Денеска екипите на Град Скопје почнуваат да работат на две позиции – целосна реконструкција на улицата „Димитрија Чуповски“ и реконструкција на дилатациите на мостот „Гоце Делчев“. Станува збор за централни локации кои се неопходни за да ја обновиме инфраструктурата која со години беше запоставена. Очекувам реконструкцијата на улицата „Димитрија Чуповски“ да заврши многу брзо, а на мостот работите во целост би требало да завршат во текот на летото. Градежната сезона е отворена, Градот Скопје изминатиов период спроведе низа постапки, а граѓаните ќе имаат можност да видат како се реконструираат главните градски улици – рече денеска градоначалникот Шилегов.
На улицата „Димитрија Чуповски“ ќе се изврши комплетно отстранување на постојниот коловоз и ќе се постави нов асфалт во три слоја. Ќе се реконструира коловоз со површина од 3.750 квадратни метри. Во наредната фаза предвидена е и комплетна реконструкција на велосипедските и на пешачките патики на овој потег, од двете страни на улицата.
Шилегов додаде дека е свесен  за метежот кој настанува во текот на градежните работи на улиците и ги замоли граѓаните за трпение.
– Учесниците во сообраќајот ги замолувам за разбирање и апелирам на дневна основа да ги следат информациите за привремен сообраќаен режим кои ќе бидат објавувани од Град Скопје – рече Шилегов.

Нагласи дека во моментов Град Скопје работи на три булевари, „Асном“, „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски-Карпош“, како на мостот кај Момин поток.

Во однос на тендерот за тунелите под Кале, Шилегов истакна дека постапката е завршена и оти се чекаат рековите за евентуални жалби од понудувачите.

– Град Скопје годинава ќе добие проект за тунелите под Кале. Нешто што постои во генералните урбанистички планови од 1965 година, но за жал никој во минатото нема изработено ниту еден документ кога е тој проект во прашање. Убеден сум дека во текот на идната година, согласно ветувањата на Владата за финансирање на тој проект, Град Скопје ќе врши постапка за јавна набавка за изведба на тунелите, рече градоначалникот на Град Скопје.

Градот Скопје продолжува да работи на намалување на сообраќајниот метеж и на зголемување на безбедноста во сообраќајот, не само преку реконструкција на улиците туку и со изнаоѓање модерни и одржливи решенија што ќе обезбедат непречено функционирање на градскиот сообраќај.