Се реконструира улицата „23 Октомври“ поранешна „Владимир Комаров“ во Аеродром


Екипите на Град Скопје и на ЈП „Улици и патишта“ денеска ја почнаа реконструкцијата на улицата „23 Октомври“ (поранешната улица „Владимир Комаров“) во Општината Аеродром.
Оваа сообраќајница ќе се обнови на должина од 800 метри, на потегот од Транспортниот центар до крстосницата со булеварот „Јане Сандански“. Увид во градежните работи на оваа делница денеска извршија градоначалникот Петре Шилегов и градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.
– Градежните работи на оваа улица очекуваме да завршат за околу една недела. За реконструкцијата се издвоени околу 9 милиони денари од буџетот на Град Скопје – рече градоначалникот Шилегов.
– Реконструкцијата на оваа сообраќајница е многу важна за да им се подобрат условите за живот на граѓаните, бидејќи таа е една од пофреквентните улици во нашата општина – изјави градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин.
Од друга страна, како што додаде тој, можеме да се пофалиме дека и Општина Аеродром сама, со сопствени средства, интензивно работи на подобрување на патната инфраструктура. Освен што редовно ги санираме оштетените улици и ударни дупки на целата територија на општината во изминатиот период изградивме и нови улици.
Градот Скопје изминатиов период обнови повеќе улици и булевари што се во негова надлежност.
– Ги замолуваме граѓаните за разбирање. Веќе сме при крај на градежните работи за реконструкција на улиците. Денеска, едната страна на булеварот „Крсте Мисирков“ на Бит-пазар е отворена за сообраќај и се префрламе на другата страна. Очекуваме во наредните денови да биде целосно завршен булеварот „Кочо Рацин“. Скопјани заслужуваат многу подобра инфраструктура, а за мене како градоначалник тоа е императив – нагласи Шилегов.
Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да го почитуваат привремено поставениот сообраќаен режим и поставената патна сигнализација на улицата „23 Октомври“, а брзината на движење да ја приспособат на условите на патот.