Се реконструира градинката „Пчелка 2“ во населба Лисиче


Во клонот „Пчелка 2“ во населба Лисиче, во рамките на детската градинка „Буба Мара“, деновиве, се реконструира главната кујна.

Проектот за реконструкција на кујната со површина од околу 67 квадратни метри предвидува целосна замена на електричната и водоводната инсталација, плочките, реновирање на таванот, како и на сите врати.

Клонот е изграден во 1980 година, а ова е прва реконструкција на главната кујна, која моментално е префрлена во објектот „Сонце“ и ги задоволува сите потреби по сите стандарди за подготовка и послужување на храната.

„Подобрувањето на условите во детските градинки и натаму останува наш врвен приоритет. Значајна е секоја реконструкција и реновирање на објектите затоа што дечињата мора да престојуваат во здрава и пријатна средина, тие се нашата иднина“, изјави градоначалникот Марин при увидот на градежните работи.
„Советот на Општина Аеродром несебично се залага за поддршка на развојните проекти што овозможуваат подобрување на условите за најмладите“, истакна претседателката на Советот на Оппштина Аеродром, Ивана Цветковска.

Директорката на детската градинка „Буба Мара“, Елена Устамитова, посочи дека реконструкцијата се одвива според строго предвидените протоколи во услови на КОВИД-19 и дека се обезбедени сите услови за безбедна работа на ангажираните работници, како и за децата, кои во намален број престојуват во објектот.

Со проектот во втората фаза е предвидена реконструкција и обновување на подовите во занималните и во сите други простории во објектот „Пчелка 2“. Ќе се постават нови ПВЦ-подови, кои се антиалергени и антибактериски, за целосно безбеден престој на децата.

Општина Аеродром активно работи на подобрување на условите во градинките и училиштата.