Се разговара дали медицинските сестри од четврта година да стажираат во ковид центрите


Фото: Б. Грданоски

Во тек се консултации за да се утврди дали медицинските сестри од четврта година во средното медицинско училиште дел од стажирањето да го поминат во ковид центрите, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашања дали поради тоа што 300 здравствени работници се заразени со коронавирусот во третманот на пациентите ќе се вклучат и медицински лица од Армијата Филипче рече дека засега нема потреба од тоа затоа што има доволен број лекари кои работат според системот на ротација.

Министерот Филипче рече дека  веќе разговарал со директорката на средното медицинско учииште и оти во наредните денови ќе се знае дали ќе може да се смета на помошта од новите медицински сестри.

-Во текот на вчерашниот ден имав средба со  директорката на  Средното медицинско училиште  за да видиме дали може дел од стажот на медицинските сестри од последната, четвртата годиа,  да се помине во ковид центрите. Има некои административни работи кои денеска и во текот на вчерашниот ден ги разгледуваме и  мислам дека во следните денови ќе знаеме дали можеме да сметаме на оваа бројка  медицински сестри кои веќе имаат искуство со практичен дел од претходните години, изјави Филипче.

Многу често, како што дополни, и тие имаат проблем со спроведување на праксата затоа што сите доктори  практично се целосно мобилизирани  во лекувањето на пациентите со Ковид. Верувам дека ќе најдеме решение, рече Филипче кој со министерката за одбрана Радмила Шекеринска присуствуваше на предавањето на воено-санитетските возила на Брзата помош.