Се разгледува предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за земање отпечатоци од прсти при пописот


Власта го разгледува предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за набавка на терминали со кои би се земале отпечатоци од прсти при спроведување на пописот во април наредната година.

Сепак, порачуваат од Владата, во пописот нема политика, туку тоа е статистичка операција.

„Ова се разгледува од надлежните институции, но сакаме да потсетиме дека спроведување на пописот е во интерес на сите граѓани. Државата треба да ги знае точните статистички податоци и тоа е операција која повеќе не смее да ја одложуваме затоа што нејзиното организирање за општо добро. Треба сите да бидеме свесни колку ни се неопходни тие податоци кои треба да ги даде пописот за планирање на развојот на државата. Државниот завод за статистика непречено ги извршува сите подготовки за организирање тоа да се случи во месец април 2021. Во пописот нема политика, ова е статистичка операција, ова е под мониторинг на Еуростат“, изјави владиниот портпарол Муамед Хоџа.

Предлогот на опозициската партија е да се набават 10.000 терминали за земање отпечатоци од прсти при спроведување на пописот бидејќи, според неа, начинот на кој, во моментот, се планира да се спроведе пописот ќе даде нереални резултати односно ќе испадне дека имаме и до 3 милиони жители.

ВМРО-ДПМНЕ бара пописот да се спроведе со проверка на отпечатоци од прст