„Се распаднавме“: Селекторот Пешиќ објасни зошто Србија доживеа шокантен пораз во осминафиналето на Евробаскетот


Светислав Пешиќ

 

Српската кошаркарска репрезентација не успеа да се квалификува во четвртфиналето на Европското првенство, бидејќи загуби од Финска со 86:92 во осминафиналето во Рига.

Селекторот на машката кошаркарска репрезентација на Србија, Светислав Пешиќ, изјави дека селекцијата на Финска успеала да ја победи неговата репрезентација во вечерашниот натпревар од осминафиналето на Европското првенство поради одличната игра на офанзивниот скок и додаде дека неговата екипа морала да биде подобро физички подготвена за тој дуел.

„Му честитам на мојот противник за победата. Знаевме каква е финската репрезентација, тоа го покажаа денес. Беа одлични на офанзивниот скок, шутираа добро. Офанзивните скокови се важен сегмент во играта, Финците доминираа денес. Офанзивниот скок им даде нова доза на самодоверба. Секогаш кога имавме шанса да го свртиме натпреварот, тие доаѓаа со офанзивен скок, а потоа погодуваа тројка, а тоа го сврти натпреварот во нивна корист“, рече Пешиќ на прес-конференцијата.

„Натпреварот не се добива според атмосферата, туку според квалитетот, подготовката и знаењето. Ништо различно не се случи вечерва. Нашата реална ситуација е таква што во ваков натпревар мора да бидете подобро физички подготвени. Не бевме на тоа ниво, ни недостасуваа тие работи“, додаде Пешиќ.

Пешиќ исто така рече дека неговиот тим можел да игра поагресивно во одбраната, бидејќи неговите играчи успеале да ја подигнат самодовербата со добра одбрана порано на Европското првенство.

„Требаше да бидеме физички поагресивни и подобри. Имавме добри моменти во некои натпревари, каде што ја подигнавме самодовербата со нашата одбрана. Се распаднавме, дадовме сè во овој момент“, рече селекторот на српската репрезентација.

Пешиќ исто така изјави дека некои членови на српската репрезентација го играле натпреварот со повреда, како и дека одредени членови на неговиот тим се заразиле со вирусот.

„Некои играчи играа со повреда, вирус влезе во нашиот тим. Треба да бидеме во подобра физичка кондиција и противникот да го почувствува тоа. Не може да се каже дека играчите не го дадоа она што можеле да го дадат“, рече Пешиќ.

Селекторот на српската репрезентација исто така рече дека целиот фокус бил на ова Европско првенство.

Тој додаде дека неговиот тим не ја потценил селекцијата на Финска, која ја смета за фантастичен тим.

„Тешко е за сите бидејќи очекувањата беа превисоки. Секогаш поставувавме високи цели. Обидот да се направи подобар резултат беше присутен, но за жал наидовме на фантастичен тим кој игра тимска кошарка. Ниеден противник не е потценет тука. Не потценивме никого, се подготвивме добро, но понекогаш дури и добрата подготовка не носи резултати. Фокусот беше на овој натпревар, не ја искористивме нашата шанса“, рече Пешиќ.