Се продаваат хотели на Халкидики поради кризата


Околу 70 хотели на Халкидики се ставени на продажба откако паднаа во финансиска криза поради корона вирусот. Цената на хотелите зависи од локацијата, капацитетот и годината на изградба на самиот хотел. Така еден од попознатите Хотелот „Палини“ во Касандра има цена од точно 12 милиони евра,а на продажба се и други помали и поголеми хотели на овој грчки полуостров.

Во моментов на грчките интернет-страници за недвижности има голема понуда и на мали  хотелчиња кои се лоцирани во северниот дел на земјата, а најголем број од нив се на Халкидики. Дел од  помалите објекти  се нудат и по  популарни  цени кои почнуваат од 150 илјади евра колку што се продаваат и некои станови.

Исто така на продажба се и мали хотели во популарните туристички места Калитеа, Полихроно, Пефкохори, Неа Врасна, Аспровалта, Паралија  кои се во непосредна близина на морето. Еден од хотелите што се продава во Полихроно, изграден пред 30 години и со капацитет од  40 соби, чини  2,1 милиона евра. Има и нови хотели со помал капацитет од  25 соби  кои можат да се купи за три милиони евра.

Грчките власти за колку-олку го спасат туризмот, подготвуваат пакет-мерки за летото,  според кои реално туристичката сезона би почнала во јули. Се размислува патувањата да можат да реализираат само под „одредени нови правила“. Така сместувањето во хотелите да биде поинакво, не смеат да бидат исполнети 100 отсто капацитетите, нови правила ќе има и за плажите, нови правила за базени, нови правила за кафе-баровите, нови правила за туристички автобуси.

Според министерот за туризам Хари Теохарис  треба да се издаваат сертификати за имунизација. Веројатно ќе се има проверки на температурата на патниците и тестови на крвта пред летовите. Годинава туристичката сезона во Грција ќе биде пократка и од три месеци, туристите ќе треба да поседуваат „здравствен пасош“, кој ќе биде доказ дека лицето кое патува не е заболено од ковид-19.Во Грција, туризмот претставува 20% од БДП и обезбедува едно од пет работни места во земјата.

Минатата година Грција ја посетиле 33 милиони туристи, што е трипати повеќе од вкупното население на балканската држава. Тие лани реализираа приход од туризам од 18,2 милијарди евра. Според студија објавена од грчката Комора на хотели, владино тело кое ги претставува хотелиерите, 65% од сопствениците на хотели сметаат дека нивниот бизнис веројатно или многу веројатно ќе банкротира.