Се проценуваат штетите од невремето во Преспа, се работи на оспособување на мрежата за струја и за вода

Силното невреме во Преспа го уништи родот на овошките, а Владата презема мерки за санирање на штетите, оспособување на мрежата за електрична енергија, со што ќе се врати и водата во чешмите, најавија денеска при посетата на уништениот регион министрите за внатрешни работи и за земјоделство, Оливер Спасовски и Трајан Димковски.

Министрите рекоа дека владините и локалните служби од вчера вечерта работат на расчистување на теренот.

Министерот Спасовски изјави дека веднаш се преземени мерки пред се за да се заштитат животите на луѓето, и активирани се сите владини и локални служби со цел побрзо да се санира состојбата.

„Владата на РСМ ќе ги ангажира сите можни капацитети, од една страна да се проценат штетите дали се тоа на земјоделски производи или објекти, да видиме колкава е штетата, и од друга страна што побрзо да се санираат штетите. Веќе стапивме во контакт со ЕВН за да можат да се оспособи и мрежата, за електрична енергија да добијат местата каде што поради невремето нема струја, а со тоа и голем дел од населените места да имаат чиста вода за пиење. Ќе се работи интензивно, треба време за да ги санираме состојбите, но државата е целосно на располагање заедно со локалната самоуправа, и граѓаните од преспанскиот регион треба да бидат спокојни, ќе направиме се за да ја санираме состојбата и дa се проценат материјалните штетите од невремето“, изјави министерот Спасовски.

Министерот Димковски потенцираше дека невремето предизвика големи штети врз земјоделските површини во преспанскиот регион, конкретно кај овошните насади, додавајќи дека МЗШВ веќе работи на мерки преку Програмата за рурален развој за заштита од временски непогоди, како што е авионското засејување на облаците.

„Не само што плодот е уништен, од силното невреме и самите дрвја на овошките се уништени. Ние сме постојна координација со градоначалникот, екипите ќе извршат проценка на штетите. Освен што ќе се прави проценка на принос, односно колкава е штетат на овошките, јаболката, ќе се прави и проценка на основни средства односно колкави се штетите на самите дрвја, и се тоа ќе влезе во елаборатите кои ќе се достават до владина комисија и потоа ќе се види колкава е проценката.

Според информациите од Центарот за управување со кризи, од невремето проследено со многу силен ветер и дожд кое вчера вечер го зафати реонот на Долна Преспа, општина Ресен, најпогодени се селата Крани, Долно Дупени, Љубојно, Наколец, Стење, Претор и Штрбово. Оштетени се покриви, автомобили, од паднати дрвја во авто-кампот „Крани“ оштетени се камп- приколки, паднатите дрвја ги препречиле некои од локалните патни правци, а има и штети на овоштарници и други култури. Невремето предизвика оштетување и на електричната мрежа.