Се преврте рингишпил во БиХ, повредени се четири деца


Во паркот на народни херои во Добој, БиХ, синоќа околу 20 часот се превртела вртелешка, а четири деца се повредени, јавуваат босанските медиуми. 

Зум ТВ Добој јавува дека четири деца се повредени и дека родителите ги однеле на раце во блискиот Здравствен дом. Едно дете е пренесено со брза помош.

Екипите на итната помош пристигнале на терен за неколку минути по инцидентот со рингишпилот. Нова.рс јавува дека од итната помош во Добој велат дека ниту едно дете не е во животна опасност.

Родителите заедно со полицајците ги извлекле децата од под рингишпилот. Сите што биле таму со раце ја кренале конструкцијата на рингишпилот извлекувајќи ги децата.

Репортерот на Зум ТВ Добој извести дека сцените биле многу потресни и дека децата плачат и ги повикуваат своите родители. 

Според очевидците добро е што се работи за помал рингишпил и во моментот на него немало многу деца, а се претпоставува и дека токму тоа ја нарушило рамнотежата на вртелешката.