Се препорачува сите мерки да останат на сила, в понеделник одлука


Министерството за здравство соопшти дека денеска Комисијата за заразни болести одржа состанок на кој е разгледана можноста за олеснување на досегашните мерки за превенција и заштита од ширење на коронавирусот. Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести одлучија да препорачаат до Владата сите досега донесени мерки да останат во сила.

Трендот на нови случаи со Ковид-19 во следните два дена, како што се посочува, ќе биде разгледуван на состанокот на Комисијата за заразни болести во понеделник, по што ќе бидат дадени нови препораки до Владата за понатамошно постапување во однос на мерките.

“Денес констатиравме  дека треба да направиме увид на терен, за што ќе се формираат 2 тима  во состав епидемиолог, инфектолог, претставник на министерство за здравство и државен санитарен и здравствен инспекторат. Овие 4 лица ќе одат на увид во Центарот за јавно здравје Тетово и Центарот за јавно здравје  во Велес и будно ќе ја следиме состојбата во наредните неколку дена и никаква одлука за олабавување на мерките нема да биде донесена додека не се добие информација за трендот на движење на заразното заболување Ковид -19. Денеска констатиравме дека 20 лица од овие 36 биле во контакт со заразено лице. Тоа значи дека најверојатно се работи за непочитување на мерките кои се донесени во изминатиот период. Согласно инкубацијата на ова заболување од 10 до 14 дена, ние ги лоцираме проблемите дека се случиле некаде околу Велигден и 1-ви Мај – изјави Жарко Караџовски.

Комисијата зазела и став дека ниедна од епидемиолошките мерки кои биле предложени не биле почитувани за време на литијата која се случи во Струга и заради непочитувањето на овие мерки, резултатот не е подобар.